Репрезентацијата на Србија, по четири кола на СП 2019, дејствува најубедливо, забележа четири убедливи победи и е единствена што досега постигна повеќе од 400 поени

Полска, Венецуела, Аргентина, Русија, Шпанија, Порторико, Србија, Италија, САД, Чешка, Бразил, Грција, Франција, Доминиканска Република, Австралија и Литванија се кошаркарските репрезентации што се пласираа во втората групна фаза на Светското првенство (СП) во Кина. Тоа е епилогот по одигрувањето на трите кола од првата фаза во осумте групи на 18-от Мундијал, од каде што по две најдобри репрезентации од секоја група формираа нови четири групи. Понатаму, од овие четири групи по две првопласирани селекции ќе се пласираат во четврт-финалето.

Селекциите што завршија на третото и на четвртото место во секоја група во првата фаза ќе разигруваат за пласман од 17-та до 32-та позиција на Мундијалот во Кина. Од она што е засега видено на СП, Србија дејствува најубедливо и важи за главен фаворит за златниот медал. Таа постигна четири убедливи победи, прво во првата групна фаза против Ангола (46 поени разлика), Филипини (плус 59) и против Италија (плус 15), а потоа во првото коло на втората групна фаза со Порторико (плус 43). Таа е единствена што досега постигна повеќе од 400 поени (413 на четири средби).
– Србија е главен фаворит за освојување на златото, а тоа го потврди и по првите три кола. Не гледам селекција што би ја запрела до полуфиналето или, пак, приближно би играла како неа. Како нејзин главен конкурент за врвот, единствено ја гледам Литванија. Тоа е репрезентација што е желна за успех, со многу посветени кошаркари на теренот, а во која владее добра атмосфера – вели Јанко Луковски, истакнатиот македонски кошаркарски стручњак и поранешен кошаркар.
Србија добива пофалби за својата игра и од другите селекции, а одредени стручњаци сметаат дека тоа е најдобрата репрезентација што настапила на едно СП последниве 25 години. Таа и во втората фаза (вчера) тргна со голема победа, над Порторико, со 90-47.

– Репрезентацијата на Србија покажа најмногу досега на СП и за мене секако дека претставува прв фаворит за златниот медал. Не гледам кој би можел да ја запре во нејзината намера да стигне највисоко на победничкиот пиедестал. Има многу квалитетен состав со четворица главни носители на играта, а дури петмина играат во НБА-лигата. Конкуренти на Србите гледам во Американците, Французите и во Грците – вели македонската кошаркарската легенда Благоја Георгиевски.
На СП во Кина (рекорд според бројот на НБА-играчи, 54) првпат настапуваат 32 репрезентации.

– Овој систем на натпреварување не е добар. СП треба да биде место каде што треба да играат најдобрите. За мене најдобро е СП да се игра со 16 репрезентации, како што беше порано – вели Луковски.
Слично размислува и Георгиевски.

– Сметам дека СП со 32 репрезентации е, сепак, преобемно. И квалитетот на играта е понизок со повеќе учесници. Според мене, најоптимално би било СП со 16 или евентуално со 24 селекции – вели Георгиевски.