Музејот „Ламборгини“ или на италијански „Музео Ламборгини“ е отворен во срцето на фабриката и главното седиште на овој светски познат бренд во местото Сантагата Болоњезе, во близината на градот Болоња во 2000 година. Музејот е отворен по само две години откога германскиот гигант „Ауди“ го купи италијанскиот произведувач и брзиот развој на компанијата не е само обична коинциденција. Една од придобивките да се има богат германски газда е можноста компанијата на високо ниво да ги развива своите идеи и модели, а патем да ја одржи и својата конкурентност на пазарот за суперавтомобили.

Челните луѓе на „Ламборгини“ се горди на тоа што во нивните автомобили, уште од почетокот на нивното производство, се имплементирани многу иновативни решенија. Инвентивноста на овој италијански супербренд им носи огромни успеси низ годините, прекрасните дизајни ги привлекуваат богатите купувачи, а моделите од 50-тите и од 60-тите години од минатиот век на автомобилските аукции достигнуваат неверојатно високи цени. Сите овие аспекти на историјата на „Ламборгини“, но и на сегашноста, се перфектно наредени во нивниот музеј.

Во 2015 година „Ламборгини“ го реновира и го зголемува својот музеј и имплементира специјална „работилница“, која му е посветена на огромното историско и културно наследство на брендот. Оваа „работилница“ всушност претставува организација на архивите, производство на делови за модели од сите години, реставрација на стари автомобили и сертифицирање реставрирани возила. Музејот и т.н. „работилница“ се само дел од неодамнешната експанзија на капацитетите на фабриката. Ова зголемување на капацитетите за производство ќе им овозможи поголема конкурентност на пазарот, но и производство на класични, градски автомобили, нешто што „Ламборгини“ досега не го правеше.

Во поголемиот дел од 54-годишната историја на „Ламборгини“, компанијата работи и функционира со мали капацитети на производство и ограничена бројка вработени. Луѓето во фирмата најчесто имаат директна и лична поврзаност со брендот, па, така, доколку некој сопственик на „ламборгини“ се јави во седиштето со некакво прашање, луѓето што го создале самиот автомобил ќе можат да му ги одговорат.
Зголемените капацитети, а со тоа и производство на „ламборгини“ откако се во сопственост на „Ауди“, во последните години на многу начини го променија брендот. Компанијата се развива и расте на едно високо ниво, вработени се голем број луѓе на различни позиции. Пред 20 години, „Ламборгини“ вработувал само 200 луѓе, додека денес во компанијата има 1.500 вработени. Сега, историското наследство на „Ламборгини“ мора да го зачуваат новите вработени, но и прекрасниот музеј, кој може да покаже како и колку напредувале и се менувале прекрасните возила на италијанскиот произведувач низ годините.