Музејот на современата уметност – Скопје првпат во историјата е домаќин на музејот на современата уметност „МОМус“ од Солун, Грција. В петок, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена голема постановка со наслов „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ Ова е прво претставување на солунскиот Музеј на современата уметност пред македонската публика со дела од нивната колекција.

Во МСУ ќе бидат изложени дела од 16 автори меѓу кои: Филипо Берта, Џејмс Бридл, Фениа Котсополу, Куриаки Гони, Владан Јеремиќ и Рена Радл, Мајида Ктари и др. Паралелно со главната програма на 28 септември е предвидена серија перформанси на уметниците Томас Диафас, Александрос Пломаритис и колективот „Ај броук д вејз“.

– Возбудени сме што со музејот во Солун успеавме да воспоставиме блиски врски и што со заеднички сили можеме да продуцираме значајни проекти. Нашата географска близина е потенцијал што мораме да го искористиме. Живееме во регион што претрпе и продолжува да страда од последици на национализам и транзиција, бурни социополитички промени. Соработките нè зближуваат, а наоѓањето заеднички решенија и доаѓањето до нови и ефективни модели на соработка се рефлектираат и во програмските активности на двата музеја, и во можноста за нови идни институционални билатерални соработки – вели директорката на МСУ во Скопје Мира Гаќина.

Кураторка Сираго Цијара на изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“, која наскоро ќе биде отворена во МСУ, вели дека уметниците, кои се учесници во постановката, даваат критички осврт на наивната сигурност на основната дистинкција помеѓу постоењето и неговото измислување, помеѓу реалното претставување и фалсификувањето.

– „Реалноста“ на меѓучовечкиот однос е нарушена и одново воспоставена, во согласност со имиџот, маската и идеалниот модел што го конструираме за самите себе. Поради тоа и дигиталните медиуми, како фотографијата, интернетот, видеото и проекцијата, се користат во толку голема мера при визуелните претставувања на самиот себе – вели Цијара.

На отворањето на изложбата во Скопје пристигнуваат: кураторката Сираго Цијара, кураторите асистенти Домна Гунари, Ерини Папаконстантину, членот и претседател на управниот одбор на музејот, Андреас Такис и в.д. директорка на „МОМус“, Мариа Цацаноглу, како и неколку уметници.