ПСЖ ја забележа 12-та првенствена победа во низа сезонава во француската фудбалска Лига 1, над Лил (2-1) со головите на Килијан Мбапе и на Нејмар со што собори 58 години стар рекорд на англискиот Тотенхем од сезоната 1960/61, рекорд во конкуренција на петте најквалитетни лиги во Европа (Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција). Тогаш Тотенхем забележа 11 победи едноподруго во почетокот на сезоната.

За Мбапе тоа беше 13-ти гол на 11 натпревари сезонава. Аргентинецот Анхел ди Марија го одигра 100-от меч во лигата во дресот на ПСЖ, кој е на водечката позиција на табелата со 36 бода, 11 повеќе од второпласираниот Лил.
Од другите првенства сезонава, до рекордните 12 победи на 12 меча на ПСЖ, е холандскиот ПСВ Ајндховен, кој ја прокнижи 11-та победа во низа сезонава, победувајќи го Витесе со 1-0. На тренерската клупа на ПСВ е Марк ван Бомел, кој го замени Филип Коку. За надминување на Тотенхем викендов ПСВ ќе се сретне со Графшап, на гости.