Во акцијата за чистење што почна на 14 април и ќе трае до 29 мај, на 66-годишнината од првото успешно искачување на Монт Еверест, планирано е да се соберат 11 тони отпад, од претпоставените околу 30 тони смет на највисоката планина во светот

Монт Еверест има големи проблеми со огромните количества отпад. Неодамна 12-члениот тим за чистење од Непал собрал повеќе од три тона смет во областа околу највисокиот врв во светот (8.848 метри). Повеќе од еден тон бионеразградливи отпадоци, резервоари за кислород, искинати шатори, пластика и вишок планинарска опрема, со армиски хеликоптери биле пренесени во главниот град Катманду.

Во акцијата за чистење што почна на 14 април и ќе трае до 29 мај, на 66-годишнината од првото успешно искачување на Еверест, на Едмунд Хилари и на Тенцинг Норгај, планирано е да се соберат 11 тони отпад. Според Асоцијацијата на качувачи на Еверест, на врвот на планината има околу 30 тони смет. Кампањата ќе чини околу 206.000 долари, објавија локалните медиуми.

– Нашата цел е да собереме што е можно повеќе отпад од Еверест за да ѝ ги вратиме честа и славата на планината. Еверест не е само круна на светот туку и нашата гордост – изјави Данду Рај Гимир, раководителот на туризмот на Непал.

При качувањето, планинарите со себе носат големи пакети со опрема и храна и често зад себе оставаат многу отпад, разградлив и неразградлив. Досегашните напори беа во насока на отстранување на сметот од планината, вклучувајќи го и правилото од 2014 година, според кое сите планинари при симнувањето треба да вратат назад најмалку осум килограми.

– Сѐ од Еверест, освен карпите и снегот, ќе биде вратено назад. Целта е да испратиме порака дека треба да ја заштитиме оваа планина од понатамошно загадување – вели Тика Рам Гурунг, секретар на Планинарското здружение на Непал.

Досега 5.200 мажи и жени се искачиле на највисокиот врв на светот, според Анг Церинг Шерпа, поранешен претседател на Непалската планинарска асоцијација. Годинава уште 775 планираат да се обидат да го сторат тоа.

Но кампањата за чистење може да биде само привремено решение за проблемот со отпадот. Со новите 775 планинари сезонава и уште илјадници во наредните години, напуштените купишта ќе се зголемуваат.

Владата на Непал од секој планинар бара депозит од 4.000 долари, кои ќе му бидат вратени само ако назад донесе најмалку осум килограми отпад. Но дури и тоа не може да го спречи напливот од отпад, со оглед на тоа дека „туристичките искачувања“ на Монт Еверест може да чинат и до 100.000 долари. Оттаму данокот за отпадоци од 4.000 долари изгледа како ситен „бакшиш“.