Откако од 2010 година се игра систем со фајналфор во Лигата на шампионите во ракомет, ниту еден клуб не ја одбранил европската титула во следната сезона. Сезонава 28 тима од 20 држави ќе играат за престижната титула, чиј бранител е францускиот состав Монпелје

Со синоќешните дуели Кокс – Адемар Леон, Мотор – ПСЖ, Левен – Барселона и Динамо Букурешт – Елверум почна 59-та сезона на најсилното европско клупско натпреварување во ракомет, односно 26-та сезона откако го носи името Лига на шампиони. Сезонава 28 тима, од 20 држави, во повеќе од 200 натпревари ќе играат за престижната титула европски првак, чиј бранител е францускиот состав Монпелје.

Шест поранешни прваци (актуелниот Монпелје, како и Вардар, Барселона, Целје, Киелце и Фленсбург) и еден дебитант (фински Кокс) се во трка за титулата. Откако од 2010 година се игра систем со фајналфор, ниту еден клуб не ја одбранил европската титула во следната сезона.

Според прикажаното во подготвителниот дел, Монпелје е прв фаворит на ранг-листата што ја подготви Европската ракометна федерација (ЕХФ) во пресрет на сезоната. Во однос на минатата сезона, тимот е речиси ист (замина само пикерот Лудовик Фабрегас во Барселона, на чие место е Фредерик Петерсон од Тулуз).

Сепак, според составот и квалитетот на играчите, таа улога сезонава веројатно ќе ја има францускиот гигант ПСЖ, кој, освен што се засили со најдобрите дефанзивци во претходните сезони во изборите на ЕХФ и на специјализирани портали, Виран Мороз (Барселона), Хенрих Тофт Хансен (Фленсбург) и Ким Егдал ду Риц (Левен), на клупата го зеде македонскиот селектор и доскорашен тренер на Вардар, Раул Гонзалес, кој ќе се обиде да ги оствари шампионските амбиции, кои не успеаја да ги остварат неговите претходници.

Македонските претставници во ЛШ, Металург и Вардар, сезонава ќе ја почнат в сабота на гостински терен. Својата 11-та сезона во ЛШ, Металург ќе ја почне на гости кај португалскиот првак Спортинг (18.30 ч.), а Вардар својата 13-та сезона ќе ја почне на гости кај актуелниот европски првак Монпелје (17.30 ч.). Металург беше во иста група со Спортинг (и со Монпелје), а Вардар играше со Монпелје во полуфиналето на фајналфорот.

Во претходните пет сезони титулата ја освоија пет тима од пет земји – Фленсбург од Германија, Киелце од Полска, Барселона од Шпанија, Вардар од Македонија и Монпелје од Франција.


Петмина македонски интернационалци сезонава во ЛШ

Во новата сезона од ракометната Лига на шампионите (ЛШ), Македонија ќе биде застапена со 26 ракометари, од кои 21 во македонските тимови Металург (14) и Вардар (седум) и по еден интернационалец во Веспрем (Дејан Манасков), Левен (Филип Талески), Нант (Кирил Лазаров), Мотор (Жарко Пешевски) и во Бешикташ (Немања Прибак). За тоа дека овој дел од Балканот е најдобриот и најквалитетен ракометен регион зборува и фактот што во новата сезона ќе биде застапен дури со 148 ракометари од поранешните југословенски републики. Скандинавија, на пример, пак, има пет екипи во ЛШ (Кристијанстад, Кокс, Елверум, Скјерн и Силкеборг), а ќе биде застапена со 127 ракометари. 


Барселона пријави 34, Динамо само 16, Чеховски ќе игра без странци…

Шпанскиот гигант Барселона сезонава за настапот во Лигата на шампионите (ЛШ) пријави тим со најголем број странци, 17, а, исто така, Каталонците пријавија и најмногу ракометари за ЛШ, дури 34. Втор на листата според бројот на интернационалци во тимот е унгарскиот вицепрвак Веспрем со 16, а по 15 странци имаат Фленсбург, Вардар и Сегед.
Рускиот првак Чеховски Медведи е единствениот тим што сезонава ќе настапи исклучиво со домашни ракометари, а со еден странец во тимот е швајцарскиот првак Вакер. Македонскиот вицепрвак првак Металург сезонава пријави седум интернационалци.
Германскиот првак Фленсбург ќе биде тим со најмалку домашни играчи, бидејќи има само четворица Германци во составот (Холгер Гландорф, Гота Јоханес, Мариус Стеинхаусер и тинејџерот Јерн Петерсон), а романскиот првак Динамо го пријави најкраткиот состав за ЛШ, со само 16 играчи.