Монпелје на патот кон новата континентална круна тргна од послабите групи, потоа победи три од претходните четири европски прваци (Барселона, Фленсбург и Вардар), а во финалето и Нант

Монпелје е новиот европски ракометен шампион и остана единствениот француски тим што ја освоил Лигата на шампионите (ЛШ). Годинашната блескава ракометна авантура во ЛШ, Французите ја почнаа од послабата група Д во која играше и Металург, и никој не помислуваше дека некој тим од овие групи може да го крене големиот трофеј.
Но тоа му појде од рака на тимот предводен од легендарниот Патрис Канаје, кој неверојатни 24 сезони е на клупата во Монпелје и кој е дел од 43-те клупски трофеи и титули, секако и двете европски круни. За Монпелје ова е втора европска круна, првата ја освоија во 2003 година, кога во полуфиналната пресметка од стариот систем на натпреварување беше подобар од шпанскиот Портланд Сан Антонио со вкупен резултат 50-46.

Првиот ракометен земјотрес сезонава Монпелје го направи во осминафиналниот двомеч од ЛШ кога ја елиминира најтрофејната екипа, шпанскиот првак Барселона со 56-55. За тоа дека таа голема победа не беше случајна Монпелје покажа во четврт-финалето, кога го декласира Фленсбург со 57-45, кој, пак, е на пат да биде новиот шампион во Бундес-лигата.
И покрај елиминацијата на Барселона и на Фленсбург, на фајнлфор-турнирот Монпелје ја имаше улогата на аутсајдер, но со одличната игра во одбрана и пожртвуваност во текот на целиот меч, францускиот состав ја освои круната, прво откако го победи ланскиот шампион Вардар и обезбеди место во големото финале, каде што, пак, повторно со доминантна игра го преслуша и Нант и стана европски шампион. Единствениот кикс што го направи Монпелје сезонава е речиси загубената титула во француското првенство, која им се лизна низ рацете во мечот од 25-то коло во кое загубија од Сант Рафаел. 


Најдобра школа за ракомет во Франција

Монпелје е клуб што важи за клуб со убедливо најдобра школа за ракомет во Франција, епитет што го носи Металург во Македонија. Тие се главната фабрика за производство на играчи, имаат и врвен скаутинг, па во својот двор носат играчи од цела Франција, готови или полуготови ракометари, кои потоа ги моделираат по свое. Нивниот систем на воспоставени вредности им е светост, и никој не е над него. Во одбрана Монпелје ги има усовршено формациите 6-0 и 5-1, а за разлика од другите тимови успешно знаат да нападнат на зона 5-1. Можноста за трансформација е најсилно оружје кај нив.