Од 12-те репрезентации што до неделата останаа во игра за трофејот на СП 2018, пет во минатото играле во финален меч, уште три во полуфинале и во меч за бронзениот медал, а вкупно седум имаат шанса првпат да заиграат во натпревар за светската круна

По првите два дена од осминафиналето на фудбалското Светско првенство (СП) во Русија се познати 12-те репрезентации што можат да се најдат во финалето во Москва. Вчера од конкуренција беа исфрлени уште две, а денеска ќе се дознаат уште две селекции што ќе останат во игра за вредниот трофеј. Според распоредот во двата дела на ждрепката, можно е финале помеѓу трофејни репрезентации, но и финале на дебитанти во еден меч за титулата.
Така, во првиот дел од ждрепката се Уругвај, Франција, Бразил, Белгија, Мексико и Јапонија и една од нив ќе игра во финалето. Од нив, Бразил пет пати бил светски првак (има уште две финалиња), Уругвај двапати ја освоил титулата, а Франција еднаш (има и уште едно финале). Од другите, Белгија беше четврта на СП 1986, најголем успех на Мексико се двете четврт-финалиња (двете кога СП се играше во таа земја), а Јапонија во Русија третпат е осминафиналист на мундијалите.
Во другиот дел од ждрепката се Англија, Колумбија, Шведска, Швајцарија, Русија и Хрватска и една од нив ќе настапи во мечот за светската круна во Москва. Англија еднаш била шампион (на СП 1966), а Шведска еднаш играла во финале (на СП 1958), во двата случаја кога тие селекции мундијалите ги играа на домашен терен. Од другите, Хрватска има едно трето место, Русија едно четврто (како СССР), најголем успех досега на Швајцарија се три четврт-финалиња, а на Колумбија еден пласман меѓу осумте најдобри.