Во Институтот за костими при њујоршкиот музеј „Метрополитен“ е отворена изложбата „Рајски тела: модата и католичката имагинација“, а темата на поставката е дијалогот меѓу модата и ремек-делата на средновековната уметност од колекцијата на музејот и влијанието на католичката религија врз модата.
– Католичката фантазија е вкоренета во уметничката практика и модата многу брзо ги прифати светите слики, предмети и обичаи – вели Даниел Вајс, извршен директор на „Мет“.

Модата и религијата одамна се нераскинливо врзани и меѓусебно се инспирираат, смета и кустосот на њујоршкиот музеј Ендру Болтон.
– Иако оваа врска е сложена и понекогаш оспорувана, таа ги даде некои од најинвентивните и најоригинални креации во историјата на модата – додава Болтон.
Меѓу клучните експонати се околу 40 наметки и додатоци од Ватикан, многу од нив првпат изложени надвор од Рим, кои го опфаќаат владеењето на 15 папи од 18 до почетокот на 21 век. Изложени се предмети како прстени и круни што ги носеле папите во 18 и 19 век, како и скапоцени предмети од Сикстинската капела, кои јавноста не ги видела досега. Од модните креатори, пак, се застапени: Алаја, Версаче, Шанел, Долче и Габана, Галијано, Лагерфел, Ланвен, Лоран, Лакроа, Валентино и модните куќи: „Баленсијага“, „Диор“, „Москино“ и др.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 8 октомври.
Инаку, на оваа изложба секогаш ѝ претходи добротворен гала-прием, што се одржа на 7 мај со дефиле на најголемите холивудски ѕвезди на црвениот килим. Традиционално домаќинка на настанот беше Ана Винтур, уредничка на американскиот „Вог“, а во улога на кодомаќини годинава се појавија адвокатката за човекови права Амал Клуни, поп-ѕвездата Ријана и дизајнерката Донатела Версаче.