На 4 декември, Македонската опера и балет ќе гостува во Стара Загора, Бугарија, со изведба на операта „Севилскиот бербер“ на Џоакино Росини, во режија на Урсула Хорнер од Австрија и под диригентство на Иван Еминовиќ, по покана од Државната опера од Стара Загора. МОБ со оваа претстава ќе настапи на 49-от Фестивал на оперската и балетската уметност.

– Со учеството на Македонската опера и балет во 2015 година и уште 12 оперски театри од регионот е создадена т.н. Балканска оперска мрежа, за да се активира соработката помеѓу различни организации во музичко-сценската уметност – соопшти МОБ.

Сценографијата на „Севилскиот бербер“ е на Марија Ветеровска, а костимограф е Марија Пупучевска. Во улогата на Фигаро настапува Марјан Јованоски, Билјана Јосифов го игра ликот на Розина, а Благој Нацоски како Гроф Алмавива. Настапуваат и Владимир Саздовски, Невен Сиљановски, Злата Тошевска, Кристијан Антовски, Саша Смилевски и Борко Биџовски, хорот и оркестарот на МОБ.