Фото: Игор Бансколиев

Голем број честитки од секаде пристигнаа вчера на адреса на првиот македонски дневен весник, по повод 75-годишнината од излегувањето на првиот број. Во честитката од претседателот на државата Стево Пендаровски се вели дека „Нова Македонија“ е жив сведок на втемелувањето на македонската државност. Честитката од претсе­да­телот на државата ја пренесуваме во целост (десно).

Во продолжение, пак, издвојуваме само кратки исечоци од другите честитки и пораки што пристигнаа во нашата редакција.
„Ви посакуваме уште 25.000 броеви“.
„Вечноста е пред вас“.
„Цениме дека Вашиот весник, нашата ’Нова Македонија’ и во иднина ќе им пркоси на времињата, предизвиците и ќе продолжи да чекори по патот на вистината и мудроста“.
„Нека е среќен роденденот и да е вековита“.
„За многу години нека е на најмакедонскиот весник“.
„За овие 75 божји лета, ’Нова Македонија’ навистина го запали факелот и високо се вивна во првите денови на слободата. Ви посакуваме многу радости и уште поголеми вознеси и благоденија до сите вам“
„Да ви се множат годишнините, ’Нова Македонија’ е зрак надеж во целото сивило што нѐ опкружува“.
Во кратки црти, ова е само мал дел од честитките што ги добивме за роденденот.

Од сѐ срце им се заблагодаруваме на сите и ветуваме дека ќе продолжиме и понатаму да бидеме секогаш на страната на граѓаните и јавниот интерес и на браникот на професионалноста, вистината и новинарските стандарди.

Се разбира, на одбележувањето на јубилејот во Редакцијата неизбежна беше и роденденската торта, која ја пресече главниот уредник Александар Димковски, посакувајќи му на весникот уште многу, многу успешни години и јубилеи.

Фото: Игор Бансколиев