Овој период е погоден за берење печурки поради големите врнежи, но и поради топлото време, тврдат експертите, кои додаваат и дека во групата на Фејсбук забраниле да се објавуваат слики со печурки на кои се прашува дали смеат да се јадат или не, зашто со тоа може да се направи фатална грешка

Магичната привлечност на шумските плодови

Летните дождови и топлото време, но и корона-кризата во земјата, ги сврте повеќето од граѓаните кон поминување време во природа, а со тоа и кон собирање печурки. Некои од нив го прават тоа рекреативно, но има и такви што берат печурки за дополнителна заработувачка. Социјалните мрежи се преплавени со фотографии на кои граѓаните се фалат со бројот на собрани печурки, но многумина од нив, според нивните прашања, не се ниту познавачи на оваа област. Овој феномен ја отвора дилемата колку е безбедно собирањето на печурки, какви се ризиците од тоа и зошто луѓето имаат толкава голема желба да ги собираат овие шумски плодови.
Дали заработувачката е висока и дали консумирањето на овој вид храна има полезност за организмот? Која е магијата на печурките?
Искусните собирачи на габи знаат кои се поволните места за берење. Во околината на Скопје, печурки се собираат на Скопска Црна Гора и на Водно.

Онаму каде што има дабова и букова листопадна шума, но и на големи шумски ливади.
Еден од поголемите познавачи на габите во земјава е професорот по микологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје Митко Караделев. Вели дека за да собираш габи не треба да бидеш професионалец, но дека сепак мора да ги разликуваш основните видови габи во земјава.
Сепак, тој и неговиот тим од факултетот нашле и нов вид печурки во земјава за науката, кои ги потврдиле со молекуларни анализи. Таа печурка ја нарекле македонска ѕвездичка.
– Имаме и група на социјалната мрежа Фејсбук, која е наменета за размена на искуства на оние што сакаат да се занимаваат со печурките. Овој период е погоден за берење печурки поради големите врнежи, но и поради топлото време. Обично ова време е карактеристично за есенските денови, но, еве, и сега се случи – вели професорот Караделев.
Според него, луѓето обично собираат јајчарка и вргањ, кои тешко можат да се помешаат со други отровни видови што можат да бидат фатални за човекот.
Сепак, посочува дека тука е и печурката наречена зелена пупавка, која е слична со шампињоните и може да предизвика смрт кај човекот.

– Ако изедете и 70 грама од оваа печурка, а тоа се само две печурки можете да завршите фатално. Мора многу да се внимава, со другите печурки да не ја помешате и оваа – посочува професорот.
Посочува луѓето да не ги берат печурките според слика поставена на социјалните мрежи.
– Во групата на Фејсбук забранивме да се објавуваат слики со печурки на кои се прашува дали смеат да се јадат или не, зашто со тоа може да се направи фатална грешка – нагласува Караделев.
Во Македонија има над 2.000 габи, кои можат да се видат со голо око. Од нив, околу 300 вида можат да се јадат, но според професорот имаат разлика во нивниот квалитет.
– Печурките се корисни за организмот. Имаат многу протеини и минерали и малку шеќери. Сепак, тие не смеат да се јадат во големо количество зашто се тешко сварливи и содржат хитин. Тие не смеат да бидат главна исхрана, туку само додаток во исхраната – додава професорот.

Токсиколозите, пак, велат дека луѓето треба да бидат особено внимателни со бербата и приготвувањето на дивите печурки бидејќи може да бидат опасни по животот.
Имале случаи и кога цели фамилии се затруле со печурки.
Симптоми на труење се болки во стомакот, повраќање, па затоа сите оние што јаделе диви печурки, а потоа ги чувствуваат овие симптоми веднаш треба да заминат во болница.


Можност и за заработка

Од печурките што луѓето ги собираат во природа може добро да се заработи, ако откупните цени се високи. Оваа година многумина се жалат на ниски цени. Вргањот е најчестата печурка што се продава, во свежа форма или сушена, која се користи во исхраната и има доста висока цена. Причината е што вргањот, за разлика од шампињоните и буковката, не може да се произведе индустриски, туку само да се набере од природата. Годинава цените за свеж вргањ кај откупувачите се движат до 100 денари за килограм прва класа и до 50 денари килограм за другите класи. Сувиот вргањ во добри сезони се продава и до 1.500 денари килограм, а во малопродажба е околу 200 денари за 10 до 30 грама.