Учениците учесници на конкурсот ги поканија граѓаните на Кавадарци на нивната изложба, која ја организираат заедно со еколошкото друштво „Екоживот“.

– Драги пријатели, мајки, татковци, баби, дедовци, учителки, професори и екологисти, чест ни е да ве поканиме на нашата изложба на ликовни дела, кои ги направија учениците од основните и средните училишта од Кавадарци на темата „Рециклирање“. Иако се летни одмори сметаме дека за грижата за отпадот нема одмор и треба веднаш да се почне со правилно селектирање на отпадот, кој подоцна ќе може да се рециклира. Изложбата ќе биде отворена во спортската сала „Партизан“ со почеток во 19 часот. Вратите се отворени за сите што се грижат за здрава животна средина – се вели во соопштението.

Во рамките на проектот „Отпадот се селектира, па се рециклира“, кој го спроведува еколошкото друштво „Екоживот“ од Кавадарци, во текот на мај беше распишан ликовен конкурс за изработка на ликовни дела за учениците од сите основни училишта од градот. Претходно еколошкото друштво организира едукативни работилници во сите основни и средни училишта во Кавадарци на темата за селектирање и за рециклирање на отпадот. Во работилниците покрај учениците беа вклучени и нивните наставници и професори. На конкурсот се огласија голем број ученици, кои со своите вредни раце изработија прекрасни ликовни дела, кои беа изложени во една заедничка изложба отворена деновиве во салата „Партизан“. Учениците со оваа изложба, која се случува во екот на летните одмори, потсетија дека сите заедно можеме да придонесеме за здрава животна средина и за здрав живот, а селектирањето на отпадот е наша голема слабост на која треба сериозно да се работи. На своите цртежи тие покажаа голема инвентивност и упатија силна порака до светот на возрасните дека првото скалило во зачувување на животната средина е правилното селектирање на отпадот.

– Едукативните работилници покажаа присуство на различни размислувања кај учениците и нивните наставници во делот за грижата за селектирање и рециклирање на отпадот. Кај некои ученици забележавме висока еколошка свест за грижата за отпадот додека кај поголем број, за жал, сѐ уште е отсутна свеста за суштинската потреба од селектирање на отпадот. На ова поле уште многу треба да се вложува. Кога ќе регистрираме училишта без отпад внатре и во училишниот двор, тогаш можеме да речеме дека во тоа училиште навистина е издигната еколошката свест – вели претседателот на „Екоживот“, Роберт Паризов.