Жарко Пешевски со осумте гола беше најефикасен Фото: Игор Бансколиев

Македонија ја совлада Турција со 26-23 (15-11) во првиот од четирите контролни меча во неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ)

Подмладената машка ракометна репрезентација на Македонија ја оправда довербата на селекторот Данило Брестовац одигрувајќи одличен меч против поискусната селекција на Турција. Младите македонски ракометари предводени од заменскиот капитен, пикерот Жарко Пешевски, ја совладаа Турција со 26-23 (15-11) во првиот од четирите контролни меча што ќе ги одиграат во неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), односно во рамките на првата фаза од подготовките за настапот на Европското првенство (ЕП) 2020, кое во јануари 2020-та треба да се одржи во Австрија, Норвешка и во Шведска.

Селекторот Брестовац беше задоволен од прикажаната игра на своите избраници, пред сѐ, поради фактот што Турција настапила во стандардниот состав.

– Задоволен сум од играта и од пристапот на репрезентативците, кои одиграа квалитетно. Пешевски капитенски го предводеше тимот, во кој рамо до рамо сите еднакво парираа. Доминиравме на сите линии на теренот, но морам да го пофалам голманите Мартин Томовски и Марко Кизиќ, кои завршија одлична работа. Победата ни е важна на секој меч. Одиме понатаму да ја надградуваме играта во нападот и да ја подобриме агресивноста – изјави Брестовац.

Пикерот Жарко Пешевски со осумте гола беше најефикасен во македонскиот состав. Шест постигна десното крило Мартин Поповски, а по осум одбрани на голот имаа Томовски и Кизиќ.

На двата гостински натпревара во Турција селекторот ги поштеди најискусните, капитенот Кирил Лазаров, голманот Борко Ристовски, левото крило Дејан Манасков, бековите Филип Кузмановски и Филип Талевски, кои ќе бидат во комбинација за двете пријателски средби со селекцијата на Грузија, кои в петок и в сабота ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Македонските репрезентативци синоќа за противник ја имаа селекцијата на Италија, која исто како и Турција за овие пријателски мечеви во составот ги има сите стандардни репрезентативци со кои ги одигра квалификациите. Италија и Турција одиграа два меѓусебни дуела што завршија со победа на Турците, 24-23 и 30-28.
На ЕП 2020 Македонија ќе игра во групата Б во Виена, каде што за првите две места што обезбедуваат пласман во следната групна фаза ќе игра со Чешка, Австрија и со Украина.