Нова демократија останува на позицијата дека нема да гласа за договорот од Преспа и ќе се бори за да не се ратификува. Овој став уште еднаш го повтори лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Киријакос Мицотакис, говорејќи за време на промоцијата на новата книга на потпретседателот на Нова демократија, Костис Хаѕидакис.

Мицотакис, како што јави МИА, рече дека тие уште од првиот момент изразиле несогласување и приговори за договорот.

– Рековме дека не можеме, во никој случај да прифатиме договор што на соседната земја ѝ отстапува македонски јазик и македонска националност. Се плашам дека апсолутно беше оправдана оваа наша критика и остануваме строго посветени на оваа наша позиција. Ќе гласаме против договорот од Преспа, кога и да дојде во грчкиот парламент и ќе се бориме за овој договор да не се ратификува – објасни Мицотакис.
Лидерот на Нова демократија, рече дека со договорот од Преспа, премиерот Алексис Ципрас го дал она што ниту една друга влада на Нова демократија не го одобрила – македонски јазик и македонска националност.

– Едноставно кажано, господин Ципрас и господин Каменос, не сакам да го заборавиме него, рекоа „да“, таму каде што Константинос Мицотакис, Костас Караманлис и Андонис Самарас рекоа „не“. И рекоа „не“ поради една многу добра причина. Поради многу конкретна причина. Бидејќи ги гледаа екстензиите што можеше да ги создаде во нашата земја јасното прифаќање на македонски јазик и македонска националност. Ние имаме многу јасен став. За овој став не може да се преговара и со овој став ќе дојдеме во парламентот кога ќе стигне за ратификација договорот – истакна Мицотакис.