Фељтонот што го објавува „Нова Македонија“ е извадок од неговата книга „Малцинските прашања и националната свест во Грција (Недоречености на грчката историографија)”, која во Атина се печатеше во 1991 година благодарение на поддршката од радикалните студенти. Во книгата, како што вели авторот во предговорот кон второто издание (1992), е направен „обид за ненационалистичко и неидеологизирано доближување до едно значајно поглавје во историјата на оваа земја“, односно презентирано е „поинакво проблемско читање и интерпретација на настаните, различно од она на националната историографија, т.е. од митското идеолошко прикажување, кое, речиси, го заокружува и корпусот на грчката библиографија“. Иако во текстот се сретнуваат некои непрецизности, го објавуваме поради интересните ставови и аргументи што ги нуди авторот за македонското прашање и за односот на Грција кон Македонците. Текстот од грчки на македонски јазик го преведе Емилија Мајсторова.

Димитри Литоксоу


„Словените во Грција, во согласност со поединечните сведоштва на Теофанис Кедринос, Зонарас и Порфирогенис, беа преселени постојано да живеат во Лидија, Мисија, Пафлагонија и во Витинија, каде што сѐ уште се зачувани словенски топоними што потекнуваат од тоа време. На местото на Словените, во Грција и на Пелопонез доселија Мисијци, Пафлагонијци, Витинци и Лидијци. Овие асимилации беа во голема мера извршени со насилни средства, особено од императорот Никифор… Катастрофите што ги предизвикаа Сарацените на исток и по островите донесоа нови бегалци, Грци и мелези од Исток, наместо Словените од Мореас. Така, на крајот, беа создадени најхетерогените елементи среде метежи, бунтови и несреќи од секаков вид. Во средновековието се случи и една голема ’поплава’ од Албанци доселеници, кои дојдоа до новогрците“.
Ова е суштината на тезата на Филип Фалмераер на која тој ќе ѝ остане верен до крајот на животот, нагласувајќи ја особено албанската наезда. Од 1835 година па натаму германскиот историчар веќе не тврди дека жителите на современа Грција се потомци на Словените. Треба да се каже, исто така, дека изразува отворена славофобија, иако во Грција беше обвинуван токму за спротивното, како опасен словенофил.
Во 1835 година. излегува вториот том на „Историја на Морејскиот Полуостров“. Следува второ патување на исток и во Грција во 1842 година и трето патување во 1847 година. Нешто пред неговата смрт ја објавува студијата „Das albaneishe element in Griechenland“ во која систематски се занимава со албанизацијата во грчките области.
Првиот сериозен обид за спротивставување на Фалмераер во Грција беше од страна на Константинос Папаригопулос со научниот труд „За населувањето на некои племиња на Пелопонез“, издадена во 1843 година. Седум години по објавувањето на вториот том на Фалмераер грчкиот историчар одговара на веќе коригираната од самиот германски автор, екстремна теорија за словенизацијата, што е формулирана во првиот том од 1830 година. Изгледа дека Папаригопулос не знаеше за постоењето на академскиот труд и на вториот том на неговиот противник.

Лажни аргументи, вистински фалсификати

Словените, пишува Папаригопулос во својот вовед, „не дојдоа како освојувачи, ниту ја уништија земјата, ниту пак ги уништија нејзините стари жители, како што тврдеа некои. Мирољубиво се населија и повеќепати побараа да се отцепат, но на крајот беа совладани од грчкото племе, ги прифатија неговата религија и јазик и се стопија со него. Оваа критика му го отвори патот за кариерата на тогаш 28-годишниот службеник кон титулата „национален историчар“.
Лошото е во тоа што грчките историчари од 20 век, во својата критика на Фалмераер, го следеа истиот метод, од неговото дело избраа – или затоа што не го знаеја во целост или, пак, зашто сметаа дека така полесно ќе му се спротивстават – само некои извадоци од првиот том на „Историја на Морејскиот Полуостров“. На тој начин создадоа еден измислен противник, леснопобитлив од едната болна (и честопати лажна) аргументација.
Во тој правец се почна со пропаганда против „полното со омраза кон Грците“ дело на „Словенот“ (како што го нарекуваа во 1847 година атинските деца, поттикнувани од своите учители) Фалмераер, како еден обид за собирање на доказниот материјал – според искажувањето на Питакис – „Дека сегашните жители на Грција се потомци на античките Елини“. Новите науки во Грција, како на пример лингвистиката (Г. Хаѕидакис) и етнологијата (Н. Политис), се раѓаа и се „мобилизираа“ во таа борба.

Јакоб Филип Фалмераер (1790-1861)

Градењето на националниот мит

Говорејќи за Јакоб Филип Фалмераер (1790-1861) прво што би требало да забележиме е дека неговото авторско дело е толку погрешно толкувано, или систематски искривувано, при парцијалното повикување на него од страна на грчките историчари во минатиот и овој век, што тешко би можело да наведеме, заради споредба, некој друг научник да доживеал такво спротивставување.
Фалмераер веќе беше оформен историчар кога ја објави својата многу позната, и непреведена до денес на грчки јазик – книга „Gerschichte der halbinsel Morea wahrend des mittelalter“ во 1830 година. Три години порано, на оваа книга и претходеше објавувањето на „Geschichte des kaisertums voa Trapezunt“ еден труд што беше награден од Данската академија на науките, и во чиј состав беа користени во оригинал: латински, грчки, хебрејски, арапски, персиски, турски и ерменски извори. Меѓутоа, во „Историјата на Трапезунската империја“ сѐ уште не постоеја оние теориски елементи што систематски ќе ги развие подоцна, почнувајќи со делото „Историја на Полуостровот Мореас низ средниот век“, а кои како централно сфаќање ја имаат идејата за уништувањето на Античките Грци во периодот на варварските напади, и имиграциите што следуваа во средновековната грчка земја.
Почетната формулација на Фалмераеровата историска претпоставка беше екстремна и лесно можеше да се побие од критиката на неговите европски противници (критиката на Словенецот Б. Копитар и германскиот историчар Зинкесен). Во согласност со таквата претпоставка, која накратко ја изложува во предговорот на првиот том, од „Историја на Мореа“: тој пишува „Грчкото племе од корен исчезна во Европа. Ниту капка чиста и неизмешана грчка крв не тече во вените на христијанските жители на денешна Грција“.

СПОР ЗА ПОТЕКЛОТО

Не е, се разбира, чудно што теоријата на Фалмераер ја потресе романтичарската струја на европскиот филеленизам и неговиот мит за директното сродство на Античките Грци со современите жители на новосоздадената грчка држава. Меѓутоа одекот на спорот, што се слуша во Европа за потеклото на Грците, стигна до последниве со задоцнување од многу години.
Како и да е, покрај сѐ она што се однесува на хрониката на „Св. бесребреници“, Фалмераер во својата академска дисертација „не се согласува“, без да ги образложи со тоа заклучоците од неговото претходно дело како врска со судбината на Словените колонисти во Јужна Грција, во текот на средниот век. Тоа претставува настан што треба да се подвлече зашто има посебно значење. Тој пишува: „Фактот што денес словенскиот јазик веќе никаде не се зборува, не треба воопшто да изгледа зачудувачки: илјада години, па и повеќе, се изминати од времето на инвазијата на Словените, додека долг временски период власта беше во рацете на византиските Грци. За тоа време ја променија религијата (на Словените), го отстранија насилно начинот на управување и нивните народни обичаи, внесоа погрченици од Мала Азија, жени елинофони во словенските, како подоцна, во албанските семејства, и ги отворија патиштата на трговијата во сите области на кралството каде што се зборуваше новогрчки… Словенскиот остров Мореас стана дел од грчкото кралство преку освојување и страдаше од сѐ што може да им наложи на поразените еден освојувач што има друга религија и зборува друг јазик…“

(Продолжува)