Во септември годинава најскапата слика светот, „Спасителот на светот“, на Леонардо да Винчи, требаше да биде изложена во „Лувр“ во Абу Даби, но настанот се откажа без објаснување. Тоа поттикна нови сомнежи и гласини околу веќе контроверзното дело, кое лани во њујоршката аукциска куќа „Кристи“ беше продадено за рекордни 450,3 милиони долари.

Сликата на долгокосиот маж со брада како во левата рака држи кристална топка, а десната ја подига во знак на благослов, во мај 2008 г. стручњаците ја идентификуваа како изгубено ремек-дело на Леонардо да Винчи, настанато во периодот од 1506 до 1513 година.

Три години подоцна, реставрираниот портрет на Христос првпат е изложен на историската изложба на Да Винчи во лондонската Национална галерија. Публиката можеше да го види и во Хонгконг, Сан Франциско и во Њујорк. Идентитетот на сопственикот не е откриен, но се претпоставува дека тоа е саудискиот принц Бадер бин Абдулах бин Мухамед бин Фархан ал Сауд.

Откажувањето на настанот во Абу Даби не е аргументирано до денес за јавноста. И историчарот на уметност Мартин Кемп, еден од експертите за делото на Да Винчи, признава дека нема поим за што точно се работи. Напоменува дека сепак верува дека се работи за некаков страв или кукавичлак. Меѓу најголемите контроверзии е дека портретот воопшто не е дело на големиот ренесансен сликар, или барем не целосно.

Некои веруваат дека е дело на неговите соработници, а дека мајсторот учествувал само 20 отсто во работата. Освен проблемот со авторството, во „Лувр“ во Абу Даби можеби се плашеле од проблемот со состојбата во која се наоѓа делото. Некои сметаат дека делото е премногу реставрирано со претерано чистење и ставање премногу слоеви боја, односно дека сликата изгледа сосема поинаку од нереставрираната верзија. Наместо приказ на Христос со малку коса и оштетен вид, на рестварираната верзија тој изгледа „мазно и хармонично и анатомски прецизно“.

– Тоа лице е сосема различно од замаглената верзија на сликата. Лузните на времето се видливи, но исто така видлива е и убавината на младиот Христос. Изгледа како андрогините долгокоси модели, какви што Леонардо сакал да ги портретира и со какви што бил опкружен во своето ателје – наведува британски „Гардијан“.

Тие го цитираат и кустосот на одделот за цртежи на Да Винчи во Кралската библиотека, Мартин Клејтон, кој смета дека реставрацијата го нарушила квалитетот на лицето на Исус и дека делото затоа ја загубило „Леонардовата чистота“.

До денес откритието на непознатата Леонардова слика се чини невозможно, сликарот не бил особено плоден, а од малобројните дела што не се изгубени или уништени денес се зачувани само дваесетина.