Господа социјалдемократи, драги другари, со вознемиреност и загриженост ги следам оцените и анализите од првиот круг и вториот круг за претседателските избори. Силно ме загрижува констатацијата дека не сакаме да ја сфатиме и не сме ја научиле лекцијата. За партијата и власта треба да се работи, при што се согласувам со обмислена програма, понуда и ветувања за решавање на проблемите, во базата и со базата. Во овој момент се потсетувам на искажаната мисла на еден поранешен шеф на партијата на СДСМ, кога ќе каже: „Ние мислевме дека власта ни е од бога дадена“, а тоа е времето кога беше загубена власта.

Денес, по две години, главна преокупација на поголем дел од членството беше како да се оствари вработување, кое во овој момент не задоволува ни оддалеку; особено ако се има на ум дека во изминатите десетина години „левата опција беше на диета“, „држење линија“, особено по однос на вработувањата! Добар дел од активистите, од оние што требаше да ги анимираат потенцијалните гласачи, посебно оние со врски и пријателства со луѓето што беа во можност нешто да решаваат, побрзаа да ја остварат единствената цел, да се сместат на добро или повисоко место. Анимирањето во суштина беше само евидентирањето од страна на секој „трчач“од врата на врата, на веќе познатите „есдеесовци“; без да се работи на евидентирање на нови или убедување на неутралните граѓани, а да не зборуваме да се добие некој гласач од спротивната страна. Сакам да се обратам посебно до градоначалниците, министрите, директорите, заедно со најмалите директорчиња и луѓе на позиции, сите од СДСМ-опцијата: Каде бевте, драги функционери, за време на првиот и вториот круг? На сите вам ви е добро познато дека кога се избори, сите треба да сме активирани во таа задача, деноноќно да се работи со граѓаните!

За ова последното ќе биде потребно да се прават организирани анализи и советувања, со подготовка на активистите, кои треба да се обучат со предностите на левата опција, за да ги убедуваат во програмата на СДСМ. „Метлата треба да проработи“, и тоа од најниско ниво до највисокото, ако не повеќе, како укажување за да потсети на свеста и совеста – што можеме ние да направиме за државата, а не што ќе направи таа за нас. Многу се демократски паролите „кога ќе дојдеме на власт нема да бркаме од работа“, „нема да има непотизам“, „сѐ ќе биде транспарентно“, „ќе правиме реформи во администрацијата“.

Но што се случува, реформите одат бавно, нема доволно стручни административци, некогаш работата намерно се кочи, истекуваат доверливи информации – се шпионира, се улавиме со непотизмот.

Цветко Стојанов, Кавадарци