Минато-сегашно, идно-минато, иднина сега или „посветла иднина“

Текстот што го нудам пред јавноста е составен пред 10 години. Некои бројки се поинакви (статистички) денес. Но ме изненади откритието на размисла што сум ја споделил на разни начини пред 10 години, а ми изгледа како секојдневноста да застанала и по десет години. На определен начин чувствувам потврда за дефиницијата на „посветлата иднина“ како континуирана сегашност, која безусловно се темели само на минатото и се гради само овде и сега, и не тогаш таму и не тие тогаш таму, туку ние овде сега. И неразбирливо е во овој контекст власта ако не знае за друго решение да се занимава со викотницата „има само едно решение“, зашто досега токму таа пропаганда покажа дека токму таквите „единствени можни решенија“ ја донесоа Македонија до оваа небиднина.

„Уметноста на лошата власт се состои од одлуки со кои се наголемува јазот помеѓу одлуките на власта и она што народот според традицијата го смета за праведно и добро“, древномакедонска мудрост.

Верувам, кога и да е во историјата на Македонија и на македонскиот народ, немало поголем разурнувачки процес предизвикан од феноменот за самобендисаност на власта. Само за миг да си дозволиме да речеме „демократски избрана“. Ни природните катаклизми (во Македонија на секои 500 години се случува по еден катастрофален земјотрес), ни разновидната гнасотија на светските и балканските војни, ни робовладетелството, ни феудализмот ни капитализмот ни периодот по 1945 година, кој допрва треба да се дефинира како општествено-политичка категорија не предизвикаа вакво осиромашување на Македонците и ваков прогон на младите од татковината (300.000 грамотна младина замина најверојатно без поврат во последниве 15 години) не знам до каде се стигнати моменталните бројки.

Ако се земе предвид дека едно исто владејачко множество е на власт без оглед на имињата на партиите, тогаш сте исправени пред сериозно прашање –
зошто оваа власт работи против сопствената земја и народ.

Не се осмелувам да помислам дека станува збор за предавство. Повеќе верувам дека Македонија е соочена со нешто што со децении е вградувано во македонскиот систем за образование и дека тоа јадровито може да се дефинира само со еден збор – непочит! Непочит кон сопствената татковина, омаловажување на сопствениот народ, а според некои потези и одмазда спрема сопствениот народ поради пораз на изборите!
Непочитта раѓа недоверба!

Исклучително ретки се околностите кога некој поединец навистина ја заслужува непочитта, а скоро е невозможно да одгледувате непочит спрема еден народ и неговата историја особено кога станува збор за македонскиот народ чии корени се протегаат во распон од 10.000 години и за кои допрва ќе се објавуваат веќе утврдените вистини. Значи, во најголем број случаи непочитта е правопропорционална на незнаењето. Да се обидеме, низ прашања и одговори, да стигнеме до степенот на непочитта (незнаењето) со која е обременета власта во Македонија и претставата за дефинирање на поимот власт во последните 15 години.

1. Како се дефинира поимот партија во ПЈРМ?
– Организирана група луѓе, засолнета зад програма и цели за подобар живот во Македонија, која работи само за остварување на личниот интерес.
1.1 Како да се дефинира поимот избори во ПЈРМ?
– Единствена и најсериозна партиска задача според која целта ги оправдува средствата.
2. Дали откако ќе бидат избрани, партиските врвови владеат со државата македонија и ги бранат интересите на македонскиот народ и на другите народности што живеат во Македонија?
– Не. Власта има поинаква терминологија: наместо држава смета со територија, а наместо народ со гласачко тело! Спрема територијата се однесува како спрема привремен престој, а спрема гласачкото тело како спрема множество за периодична еднократна измама.
3. Дали партиските врвови, откако ќе дојдат на власт, иако декларативно се залагаат, реално, сметаат дека народот треба да има подобар стандард и постојано подобрување на квалитетот на животот?
– Не. Власта смета дека гласачкото тело треба да има контролирано низок стандард и квалитет на живот и дека гласачите постојат за постојано подобрување на стандардот и моќта на политичкиот врв.
4. Дали владејачките врвови имаат идеали?
– Не. Владејачката врхушка верува само во интерес (најмногу личен, понекогаш партиски).
5. Дали власта има доверба во македонскиот народ?
– Не. Власта не го почитува народот и оттаму нема доверба. Затоа секогаш се повикува на советниците од странство и ги смета за единствен критериум.
6. Верува ли власта во способноста на Македонија како самостојна држава?
– Не. Власта верува дека Македонија секогаш ќе биде недораснатиот од „југозападниот Балкан“.
7. Кога е јасно дека единствената цел на власта е да остане на власт без оглед на лошите резултати (власта на ПЈРМ најчесто смета дека Македонија нема кадар подобар од актуелниот партиски кадар и ако работите појдат наопаку, тогаш платените телали масовно ќе се појават и масовно ќе тврдат дека немало друго решение освен решението власта да прави концесии во полза на другата страна, а на сериозна штета на Македонија и на македонскиот народ).
8. Зошто се постојано губитнички одлуките на власта со што веќе се доведува во прашање колективната меморија на Македонија и на македонскиот народ?
Од победата на македонскиот народ по Втората светска војна, македонската власт ја раководат млади луѓе без доволно искуство и познавање на македонското минато. Ова не е случајно, станува збор за програмско решение што е законски ограничено низ мекоста и засолентоста на увезениот образовен систем, сериозно поткрепен од зависните медиуми. Сосема е логично дека ова ограничување на мислата и науката наскоро ќе стане законско решение?
9. На кое прашање треба да се даде одговор за излез од политичката замка поставена пред 70 години со предисторија од 24 години?
Зошто македонскиот јазик има најмногу минати времиња во однос на другите светски јазици и дали се сите докрај истражени во рамките на нашата граматика?