Венецуела повеќе не е сад под притисок. Таа сега е бомба, која чека да експлодира. Околу 2,3 милиони жители на Венецуела ја напуштија земјата, и тоа во најголем дел благодарение на лошото управување со некогаш најбогатата држава во Јужна Америка. Неспособната диктатура на Николас Мадуро предизвика голема криза, слична на мигрантската криза во Европа во 2015 година, пишува американскиот магазин „Атлантик“

Пред неколку месеци, 22-годишната Лусијана Гарсија, мајка на две деца и бремена со третото, избега од тешката врска и неспособната диктатура. Гарсија заминала од Валенсија, третиот по големина град во Венецуела, и патувала 18 часа до Кукута, пограничен град во соседна Колумбија.
– Имав пари само за еден билет. Затоа морав децата да ги држам во раце целиот пат – истакнува младата Гарсија.
Гарсија и околу 2,3 милиони нејзини сограѓани од Венецуела ја напуштија земјата, и тоа во најголем дел благодарение на лошото управување со некогаш најбогатата држава во Јужна Америка.

Неспособната диктатура на Николас Мадуро предизвика голема криза, слична на мигрантската криза во Европа во 2015 година. Исто како и таа криза, и оваа може да ја измени политичката динамика на Јужна Америка и да резултира со проблеми, кои регионот досега успешно ги избегнуваше. Неколку јужноамерикански земји почнаа со подготовките за зголемен прилив. Во август, Бразил и Перу испратија дополнителни војници на границата, откако бразилските жители ги нападнаа мигрантите од Венецуела, а Перу во август прогласи здравствена криза во две провинции, каде што здравствените власти предупредија дека мигрантите се заболени од сипаници и маларија. Мадуро ги обвини надворешните сили дека водат „економска војна“ против неговата земја и инсистираше дека бројот на лица што си заминуваат не е невообичаен.

– Сите ние имаме влог во кризата во Венецуела, а некои земји повеќе отколку Колумбија. Ако колективно не ги разгледаме можните начини за запирање на кризата кај нашиот сосед, тогаш нема друга агенда за која ќе дискутираме со Белата куќа и со кој било друг – порача неодамна Франциско Сантос, колумбискиот амбасадор во САД, во говорот пред вашингтонскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии (ЦСМС).
Сантос, чија земја со 48 милиони жители е дом на еден милион Венецуелци, ја спореди ситуацијата со европската бегалска криза.

– Германија за три години прими еден милион бегалци од Сирија. Ние ја примивме таа бројка само за една година. Замислете што ќе направи овој бран во Јужна Америка, која досега ги немаше ваквите проблеми – додаде колумбискиот амбасадор.
Причините за кризата во Венецуела лежат во економските политики на Хуго Чавез, претходникот на Мадуро, кој наедно и му беше политички ментор на актуелниот претседател. Чавез во 2000-тите години воведе дарежливи програми за социјална помош, национализира повеќе индустрии и им понуди бесплатна, или со големо намалување, нафта на земјите како Куба, во замена за доктори и политичка поддршка.

Тоа беше можно бидејќи цената на нафтата, главниот мотор на економијата на Венецуела, беше речиси рекордно висока, полнејќи го буџетот на земјата со милијарди долари приход од извозот. По смртта на Чавез во 2013 година, Мадуро продолжи да спроведува голем дел од политиките на неговиот ментор. Но остриот пад на глобалната цена на нафтата, комбиниран со драматичното намалување на производството на нафта во земјата, доведе до тоа економијата на Венецуела, која исто така многу зависи од увозот, да остане без приходите од извозот, со кои ги плаќаше странските производи. Економските санкции, предводени од САД како одговор на демократското назадување под власта на Мадуро, само ја засилија кризата. Економските политики на Мадуро во суштина создадоа ситуација во која Венецуелците не можат да купуваат производи, дури и да имаат пари да го сторат тоа. Поради големите недостатоци, многумина се принудени да одат во Колумбија, за да купат намирници. Тие што можат да заминат, заминуваат.

– Во времето на Чавез имавме пристап до медицината, па дури и тоа да беше кубанска медицина. Но со Мадуро не можам да им дадам на моите деца храна, и здравствена грижа пред сѐ. Имав проблеми со сопругот, и тогаш одлучив дека со оглед на сето тоа што се случува, морам да заминам – вели Гарсија.

Нејзината мајка од претходно живее во Кукута. Секојпат кога разговарале, мајка ѝ истакнувала дека храната може лесно да се продава во Колумбија. Токму поради тоа и заминала.

– Видов шанса за да заработам за моето семејство – истакнува Гарсија.
Гарсија денес продава сокови и торти во Кукута, каде што заработува околу 50 долари неделно.

– Тоа не е доволно, бидејќи морам да платам за кирија, храна, вода и струја – додава младата жена.

Но, сепак, тоа е повеќе од сумата што ја заработуваше во Венецуела, каде што продаваше чипс.

– Сега е прекрасно. Навистина не можам да се пожалам. Се чувствувам дека тука добив поголема поддршка, отколку во татковината – истакнува Гарсија за Кукута, каде што сега живее заедно со партнерот на нејзината мајка, 24-годишната сестра и 17- годишниот брат.

Сепак, другите што заминуваат од Венецуела ја немаат истата среќа со Гарсија. Триш Бари, директорка на програмите на Меѓународниот комитет за спас во Колумбија, посочува дека нејзината група е сведок на малолетници без придружба од Венецуела, и тоа за четири пати повеќе отколку во другите кризи низ светот. Таа истакнува дека домашното насилство е често, исто како што е и пренатрупаното живеење, а многумина Венецуелци живеат на улица и питачат. Но Бари исто така е загрижена за тоа што не може да го види.

– Сексуалното искористување, злоупотребување, трговијата со луѓе, како и нелегалното работење и детскиот труд. Илјадници луѓе секојдневно го преминуваат мостот „Симон Боливар“, кој од Венецуела води кон Кукута. Може да видите луѓе што не носат ништо, кои доаѓаат само да земат храна од народните кујни или, пак, собираат производи за да ги однесат назад во Венецуела. Но исто така може да видите луѓе што личат на средна класа, како го земаат само тоа што можат, и многу луѓе носат само актовки – вели Бари.

– Ако европската мигрантска криза е некаков показател, тогаш малку е веројатно соседите на Венецуела уште долго да останат со отворени раце. Европските земји како Германија и Шведска, кои на почетокот од кризата ги отворија вратите за мигрантите, наскоро се свртеа против новодојденците, и тоа со драматични политички последици. Покрај тоа, тука е и фактот дека јужноамериканските земји се многу посиромашни од оние во Европската Унија, нешто што сигурно ќе стане дестабилизирачки политички проблем за местата како Колумбија – предупредува Сантос.

Укажувајќи на наклонетото покривање на мигрантската криза во Колумбија, Бари истакнува дека иако земјата е поотворена за прифаќање на новодојденците во споредба со другите земји, ситуацијата со Венецуелците е нешто понова.
– Но кога зборуваме за речиси два милиони лица што доаѓаат во земјата, тогаш сигурно ќе има ограничување – додава Бари.

Метју Рејнолдс, висок претставник на САД и Карибите во УНХЦР, оценува дека кризата во Венецуела е најголемата што ја видела неговата агенција досега.

– Ова е од исти размери со Сирија. Досега околу 330.000 Венецуелци поднеле барање за азил во други земји, при што само во првите шест месеци од годинава има 137.000 барање. Отворените јужноамерикански политики кон бегалците дозволија речиси 600.000 Венецуелци да се преселат и останат во друга земја – истакнува Рејнолдс.
Според него, УНХЦР успеала да собере нешто повеќе од половина од предвидените 146 милиони долари помош за Венецуелци во и надвор од земјата.

– Ако се земе предвид продолженото зголемување на приливот и потребите, во 2019 година ќе бидат потребни многу поголеми ресурси – додава Рејнолдс.

Кампањата на администрацијата на Трамп за притисок врз режимот на Мадуро почна минатата есен, кога го ограничи пристапот на режимот до финансискиот систем на САД и ја оневозможи венецуелската влада да издава обврзници за да собере фондови.

Вашингтон лани исто така воведе санкции против Мадуро и негови високи претставници, замрзнувајќи им ги фондовите што ги имаат во американските банки.

Иако овие мерки го ограничија пристапот на Венецуела до американскиот финансиски систем, тие не го допреа нафтениот сектор на земјата, како што бараа голем број американски критичари на режимот. Венецуела и натаму останува четврти најголем извор за увоз на нафта во САД и, истовремено, еден од најголемите увозници на американска нафта.

Сепак, таквите чекори послужија како потврда до Каракас дека Вашингтон сака да го смени Мадуро, исто како што проба и не успеа да го стори тоа со Мадуро.

Неодамнешната статија на „Њујорк тајмс“, во која беше наведено дека администрацијата на Трамп лани имала тајни средби со воени претставници на Венецуела, со кои се дискутирале плановите за смена на Мадуро, само дополнително ќе ги засили таквите сомнежи. Според „Тајмс“, американските претставници одлучиле да не им помогнат на венецуелските офицери. Но колумбискиот амбасадор Сантос порачува дека Мадуро не смее да биде дел од идната политичка разврска во Венецуела.

– Премногу е доцна и премногу е наивно да се верува дека разврската ќе се случи без промена на режимот – додава Сантос.

И навистина, иако во сила се некои американски и европски санкции против режимот на Мадуро, венецуелскиот лидер успешно им се обрати на Кина и Русија, постојани членки на Советот за безбедност на ОН со право на вето, за финансиска и дипломатска поддршка. Сѐ додека Мадуро и неговите сојузници се на власт во Венецуела, луѓето и натаму ќе заминуваат.

– Венецуела повеќе не е сад под притисок. Таа сега е бомба, која чека да експлодира – заклучува Сантос.