Од Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево извршиле претрес кај мигрантите на повеќе локации, а кај две лица било пронајдено поголемо количество оружје и муниција. Акцијата е извршена во соработка со безбедносните служби СИПА и ОСА, кои при претресот на мигранти од Сирија и од Алжир одзеле една пушка, четири пиштоли, еден придушувач и повеќе од 100 куршуми.

Драган Мектиќ, министерот за безбедност на БиХ, изјави дека оружјето е пронајдено во еден стан во Сараево и постои сомневање дека во тој случај се вмешани и државјани на БиХ.

Последните недели е забележан зголемен прилив на мигранти на подрачјето на БиХ, посебно на подрачјето на Бихаќ и во пограничното место Изачиќ, кон границата со Хрватска. Слабата контрола и надзор над мигрантите доведоа до нивното слободно движење, загрозување на безбедноста на граѓаните и имотите на локалното население. Во последните два месеца во Изачиќ биле фатени мигранти во кражба на два автомобила и во обид за кражба во гаражи и во станбени објекти. Само во ова место биле регистрирани провали во десетина куќи, чии сопственици се вработени во странство.

„Дневни аваз“ ги пренесува изјавите на месното население, односно на оние што имале и вербална и физичка пресметка со мигрантите што се обиделе да влезат во дворовите на жители на Изачиќ. Во една продавница во краток интервал биле извршени две кражби.

По отворањето на новата бегалска маршрута преку БиХ, пристигнуваат поголем број мигранти, кои се сместени во прифатните центри во Бихаќ и во други места, а чие одржување е на товар на буџетите на локалните самоуправи.

Хусеин Рошиќ, премиер на унско-санскиот кантон вели дека не добиле ниту една конвертибилна марка како финансиска помош.

Кон крајот на јули во овој кантон поминале повеќе од 4.400 мигранти. Поради влошување на временските услови во наредниот период се очекуваат мигрантите да бидат сместени во објекти со несоодветни услови за живеење.