Добро се подготвивме и ќе мора да го поправиме впечатокот од минатата кошаркарска сезона. За да успееме во тоа, ќе треба да играме побрзо и поагресивно. Сезонава приоритет ќе ни биде агресивната одбрана, која ќе треба да ни го олесни нападот. Со Хелиос ќе мора да играме пожртвувано, а клучот на успехот ќе биде нашата добра одбрана. Желба ни е Втората јадранска лига да ја почнеме со триумф, вели Дамјан Стојановски, капитенот на МЗТ Скопје.

Мечот со словенечкиот тим во 1. коло е вечерва (19 ч.), во СЦ „Јане Сандански“. Клубот ја задржа базата на тимот од минатата сезона, а доведе и четворица интернационалци, со амбиции да триумфира во лигата, но апетитите се насочени и кон домашното првенство и Купот.

– Хелиос е тежок ривал. Според стилот на игра, се работи за исклучително добра екипа, која практикува агресивна одбрана. Сепак сѐ ќе зависи од нас – вели тренерот Ѓорѓи Кочов.