Антонио Вељаноски, режисер

Неодамна во рамките на „Скопје филм фестивал“, домашната публика имаше можност да го погледне шармантниот краток филм „И(с)згубени“ на Антонио Вељаноски, млад македонски режисер што живее и работи во Прага. Со неколку филмски проекти зад себе, искуство на полето на режијата и монтажата и силната љубов кон фотографијата, Вељаноски ги споделува своите впечатоци од фестивалите на кои учествувал, говори за својата мотивација, инспирација и начин на работа, посочувајќи на нештата што се од особена важност за почетниците во филмскиот свет.

За што станува збор во филмот „И(с)згубени“, како го доживеа нашата публика и како сте задоволен од реакциите на публиката?
– Филмот е за осаменоста и за тоа како еден миг може да ни го смени животот без разлика колку сме стари или млади. Главниот лик Рудолф е осамен пензионер, опседнат со правопис, кој наедно не многу вешто се справува комуницирајќи со луѓето што ги среќава на својот пат. Главните елементи на филмот се осаменоста на Рудолф, кучето што го следи, и госпоѓата што го „изгубила“ кучето. Кучето на некој начин има улога на ангел пратен од бога да им помогне на својата сопственичка и на Рудолф на крајот од приказната да се најдат и да започнат едно ново поглавје. Филмот за мене беше големо искуство затоа што работев со големи професионалци: Јан Качер, носителот на главната улога, Игор Василев-Новоградска, композиторот, директорот на фотографија, Владимир Димоски, кој заврши прекрасна работа, продуцентката Елена Станишева… Чувството што го имав во текот на проекцијата сѐ уште ме држи. Реакцијата на публиката беше неверојатна, добив многу пофалби, некои ми рекоа дека филмот допрел до нивните срца, што е најдоброто нешто што филмот како уметничко дело може да го направи. Други беа фасцинирани од тоа како сум ги изрежирал сцените со кучето, знаејќи дека работата со животни на филм не е баш најлесна. Многу ме израдува што салата беше мошне полна, среќен сум што луѓето кај нас се интересираат за филм и знаат да го ценат.

Филмот „И(с)згубени“ беше одлично прифатен од публиката и на фестивалот „Браќа Манаки“. Каде се прикажа овој филм и каде следно ќе може да се погледне?
– Филмот беше прикажан на „Манаки“, што е голема чест затоа што браќата Јанаки и Милтон имаат огромно значење не само за Македонија, туку и во пошироки рамки, со нивната колосална креација на овие простори на почетокот на 20 век, фестивалот продолжува да ја пишува легендата за нив. Филмот беше прикажан и на „Дрим шорт филм фестивал“ во Струга, кој од година на година се развива во сериозен сегмент во културниот живот во Струга. Многу ја ценам посветеноста на организаторите што помагаат еден мал град да има богата културна програма, тоа е потребно за луѓето да се едуцираат, да добиваат нови погледи на светот. „И(с)згубени“ ќе ја има својата светска премиера на 22 мај на „Фастнет филм фестивал“ во Шул, Западен Корк, Ирска.

Имате снимено доста филмови за време на вашето студирање на ФАМУ во Прага? Можете ли да направите разлика помеѓу можностите за младите филмаџии таму и тука?
– Повеќе од филмовите што сум ги снимил биле дел од моите студии на ФАМУ во Прага. Што се однесува до можностите и во Чешка и во Македонија се исти, станува збор за креативна работа, и без разлика на тоа каде си ако го сакаш тоа што го правиш и целосно му се посветиш ќе имаш успех. Секако, Прага има над 50 театри, безброј кина, галерии, но дали сте слушнале за некој генијален чешки филм снимен во последните 20 години? Сите ќе се навратат на златната ера на чешкиот нов бран од 1960-тите години. Најбитно е да знаеш што сакаш да кажеш, а за реализација потребни се верба, труд и знаење. Без разлика каде си. Само погледнете што се случи со документарниот филм „Медена земја“, бележи еден од најголемите успеси во македонската кинематографија за последните 20 години, исто е и со „Исцелител“ или „Петрунија“. Имаме поголеми успеси од чешките филмови, иако најискрено се надевам дека за брзо време ќе се родат повторно генијални остварувања.

Како изгледа процесот на создавање филм?
– Па со секој филм било различно, но едно нешто е исто – првата инспирација или идеја, тоа може да биде некој миг. На пример, се возам со трамвај, некој од сопатниците прави гест што е интересен. Се случува да видам оглас или плакат на улица и од него да произлезе филм, како што е случајот со „И(с)згубени“. Разни ликови на улица, улични фотограф, на одредено место, стари филмови, книги, џез… може да бидат инспирација. Како режисер треба да гледаш широко, а да внимаваш на деталите. Идеите ги запишувам во мала тетратка што ја носам во џеб, по некое време, ја читам и ако сѐ уште ми фаќа око, од некое суеверие го кинам листот за да тргне работата, ја ставам на маса и почнувам да пишувам. Идеите што остануваат во тетратката најверојатно ќе останат заборавени, но не мора да значи. Процесот на создавање на филмот е променлива работа од првичната идеја до завршната монтажа, минува низ бескрајни промени, контурите се менуваат, сѐ до премиерата.

Подготвувате портрет-документарец, кој го снимате веќе четири години. За што станува збор?
– Тоа е експериментален портрет на Мирослав Кодим, човек што се занимава со аикидо веќе 40 години. Мирослав како лик ме воодушеви, и приватно и учител на јапонски сен сеи. Ме фасцинираат луѓе што пренесуваат знаење, односно своето искуство го споделуваат со другите. Од знаење не боли глава. Филмот се разбира ќе има и друга длабочина, во текот на снимањето го набљудувам човекот како се справува со неочекувани случки, во неговиот живот во овие четири години се случија доста промени.

Честопати се наоѓате и зад камерата, како камерман, директор на фотографија, монтажер. На кој начин сите овие улоги се испреплетуваат?
– Обично на документарните филмови работам и како камерман, најмногу се занимавам со монтажа. Бев монтажер на „Џорџ – кучето бегалец“ во режија на полскиот режисер Томаш Вински, филмот наскоро ќе ја има својата интернационалната премиера во Шпанија. Наскоро повторно ќе соработувам со црногорскиот режисер Лука Џикановиќ…