Фото: Дарко Андоновски

Љубиша Камењаров, скулптор

Во Мобилната галерија на Центарот за современи уметности, во Паркот на франкофонијата е поставена скулптурната инсталација „Управило“, наменска, просторна инсталација на уметникот Љубиша Камењаров. Нејзината замисла и реализацијата преку ликовни средства ги забележува состојбата и поставеноста кај единките и групите, а наедно ја преиспитува и хиерархиската поставеност во нивните меѓусебни односи. „Управило“ е концепциски поврзано со претходното дело на Камењаров, „Рамнотежист“, дело што ја прави очигледна нерамнотежата. Со прикажување човечка фигура, со поедноставени (апстрахирани) анатомски одлики, без точно одредена возраст, пол, раса, се нагласува само припадноста на човечкиот род.
Љубиша Камењаров е роден во Скопје 1978 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек вајарство, во 2004 година. Од 2003 до 2014 е учесник на голем број групни изложби, ликовни колонии и фестивали. Од 2005 до 2007 година работи на изработка на сценографии за драмска и филмска продукција. Од 2007 до 2017 година е член на перформативната група „Свирачиња“.

Концепциски поврзано, „Управило“ укажа на хиерархиско поставените меѓучовечки релации, кои, се чини, ви се возбудливо поле за истражување. Зошто?
– Истражувањето на меѓучовечките односи се должи, не толку на возбуда, колку на вознемиреност, заснована на заклучокот дека кај многу од луѓето неминовно постојат или се создаваат тие односи на потчинетост, покорност или надреденост и надмоќ. А најинтересно е што човекот, до толку си нема попаметна работа, што дури и кога е сам, развива мисла и чувство за омаловажување или величање на себеси наспроти некој умислен и замислен лик или апстрактен поим.

Во време на дигитални игри и виртуелни светови, ви оди ли лесно приземјувањето на идеите преку класичните материјали за работа?
– Најчесто да. Само по долготрајно, неколкумесечно користење софтверски алатки, при првите физички зафати, се потсетувам дека изработката временски подолго трае и дека нема копче за исправка, популарното „анду“.

Што ви претставува најголем проблем како скулптор во земјава, во која генерално уметноста не е на цена, а и условите за изработка и презентација на скулптурите се сѐ посложени?
– Желбата за вајање. Да ја немав, сѐ ќе беше во ред.

А што, пак, ви е најголем предизвик за работа?
– Не можам да одлучам. Во целиот создавачки процес има разни предизвици. Идејата, материјалите и начините за реализацијата, условите за работа, па потоа изложувањето и прикажувањето на делoто, ги менуваат својата сложеност, леснотија или тежина.

Пред десет години на вашата втора самостојна изложба „Табуфино“ во Музејот на градот Скопје преку детски играчки посочивте на низа предрасуди за родот, полот, идентитетот, верата, слободата… На свој начин посочувате на дел од промените во светот и пошироко. Но од она што во меѓувреме се случува што би сакале да издвоите како интригантно за вас како автор?
– Постоењето на добрината и лошотијата. Добро, не само тоа… туку и нивната непресушна природа и возобновување!

Досега, меѓу другото, работевте и на сценографии за драмска и филмска продукција, бевте и дел од перформативната група „Свирачиња“. Поврзан ли сте сѐ уште на некој начин со тие креативни полиња?
– Да. Со колегите од групата се дружиме, а соработуваме и на професионален план, но само на засебни лични проекти. А во умерена доза, продолжува и соработката во драмската и филмска продукција.

„Рамнотежист“, дело што ја прави очигледна нерамнотежата