Британската премиерка Тереза Меј предупреди дека е поверојатно парламентот во Лондон да го блокира брегзит отколку да ја остави Британија да ја напушти Европската Унија без постигнат договор. Меј исто така порача дека довербата во политиката ќе претрпи „катастрофална штета“ ако резултатите од референдумот во 2016 година не се имплементираат. Лабуристичката партија најави дека евентуалниот неуспех на премиерката Меј да го протурка договорот со Брисел во парламентот ќе доведе до гласање за доверба на Владата и предвремени избори, пренесуваат светските медиуми.

– Како што бевме сведоци во изминатите неколку недели, некој во парламентот сака да го одложи, па дури и да го запре брегзит, и подготвен е да ги искористи сите средства за да го стори тоа. Ги повикувам пратениците да ги разгледаат последиците од нивните постапки врз довербата на британскиот народ во нашата демократија. Довербата на народот во демократскиот процес и неговите политичари ќе претрпи огромна штета. Имаме обврска да го почитуваме резултатот од референдумот – истакна шефицата на британската влада.

Истовремено, лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, порача дека Лабуристичката партија на денешното гласање во парламентот ќе се изјасни против договорот на Меј за брегзит, додавајќи дека се неизбежни предвремени избори ако пратениците ја отфрлат спогодбата.

– Ќе почнеме процес за гласање доверба во Владата кога нам ни одговара, но не грижете се, тоа ќе биде многу наскоро – истакна Корбин.