Меѓу одразот и образот

Многумина забележале дека луѓето се како огледала: за да погледнат во себе, треба да погледнат во другите, и обратно, за да ги видат другите, треба да погледнат во себе.

Но не само луѓето, туку и животот е како патување меѓу огледала, помеѓу огледалото на минатото и на иднината, по стрмниот раб на сегашноста, која се лизга во бездната на првото. Патуваме меѓу нашата вистина (како се гледаме себеси) и вистината за нас (како нè гледа светот). Меѓу она што сме или сме биле и она што ќе бидеме или се трудиме да бидеме. Тоа патување не нè одразува само, туку и нè образува – ни ги покажува нештата што нè прават задоволни и среќни, но и оние со кои не сме задоволни и среќни. Поинаку кажано, одразува можност за прифаќање, но и можност за подобрување и трансформација, барем така некако Сократ ги поучувал своите ученици.

За жал, со утврдувањето на потрошувачкото општество како мерило на сè и секаде, огледалото од потенцијал за трансформација на сопствената слика и замисла, станува трансформатор во согласност со комерцијалната слика и замисла. Потрошувачот, како основна клетка на тој многуклеточен, но во суштина едноставен организам (слично на сунѓер), во недостиг од време за процена, а прекумерно обременет со информации, сè повеќе е пасивен потрошувач (апсорбер) и сè помалку во огледалото препознава морален коректор.

Со изобилството на модна галантерија во продажните салони пристигна и огледалото што одразува (поточно образува) елегантно истенчен лик, наменет да ги подобри сликата и самодовербата на огледувачот и особено – довербата во правилноста на изборот да се купи она што се пробува. Со еден збор, ваквото огледало креира една прифатлива реалност за потрошувачот, а тоа е всушност илузија.
Ако треба да составам една кратка дефиниција за тоа што е потрошувач, би рекол дека и потрошувачот е патник меѓу огледалото што виси на излезот од домот и она на влезот во продажните салони (покрај патувањата меѓу огледалата на различни салони).

Но потрошувачот што ја прифатил илузијата како посакувана исправка на себеси, повторно го напушта салонот без она што би сакал да го има (а го нема) – илузорната празнина, и со она што можеби би сакал да го нема (а го има) – дополнето од вистината. Последнава, неумолива реалност се испорачува на крајот на патувањето – пред огледалото на излезот/влезот во домот. Дури и кога прифаќањето на конкавната, извртена реалност е свесен чин, соочувањето со разликата дома може да биде непријатно.

И за разлика од модните огледала во кои се исправа одразот на потрошувачот, во огледалото на историјата се исправа одразот на еден народ. Без него не може да се разбере одразот во сегашноста, а без последново, не може да се замисли ниту иднината, како одраз со кој би сакале да се сообразиме.
Кога некоја поголема сила ќе посака на некоја мала земја да ѝ ја наметне својата замисла за иднината, таа мора да ѝ го промени одразот во сегашноста. За тоа, пак, мора да го промени огледалото на минатото, она во кое се огледува народот на малата земја. Поточно, да испорача огледало што креира „прифатлива реалност“ (овој пат за посилната земја) и да го „изделка“ вишокот историја (од послабата земја). Или (како што своевремено забележува еден чешки писател), „кога некоја поголема сила ќе посака на некоја мала земја да ѝ ја скрати националната свест, таа користи метод на организиран заборав“.

Во согласност со Преспанскиот договор, во текот на овој месец, планирано е да се одржи (втора) средба на заедничкиот комитет меѓу Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања, во насока за креирање „прифатлива реалност“ за соседите (читај: за посилната страна) во учебниците по историја и по географија за основно образование (читај: кај послабата страна), реалност во која многу симболи од минатото ќе бидат избришани, а со нив и она што тие го симболизираат. Можеби звучи претерано, но тоа е исто како да ги запалите тие делови од книги и сведоштва. Ова се случува напоредно со напорите на НАТО да ги „утврди ѕидиштата на своето царство“ кон Исток.

Огледалото на човечката историја ни раскажува дека современикот на Ханибал, кинескиот цар Чин Шихуанг, освен како „промотор“ на Кинескиот ѕид, е познат и по наредбата да се запалат сите книги до моментот на неговото раѓање (цела хронологија на еден народ). „Не е безначаен напорот“, ќе напише Борхес, „еден народ задлабочен во својата традиција да го отфрли сеќавањето на своето минато, било тоа митско или веродостојно“, кога по наредба на царот се палат книгите на кои се повикувале неговите противници величајќи ги древните цареви и со тоа да се утврди нов почеток на бележење на една нова историја (звучи познато, нели?), почнувајќи лично од него.
Токму сеќавањето на историјата, пренесувана усно, му овозможила на македонскиот народ да ги зачува својот одраз и образ во огледалото на минатото и иднината, од кое сеќавање (за жал, и срам) „ние“ написмено се откажавме.

Ни илјада огледала, ни толку колумни, не можат да го вратат изгубениот образ. И оваа колумна само му се придружува на обидот да се зачува одразот во огледалото на сегашноста, без искривувања и наметнати замисли, онака како што се сеќава и како што му прилега на човек да патува накратко низ животот.
„Личниот идентитет лежи во сеќавањето и уништувањето на таа способност доведува до идиотизам“ (од „Историја на вечноста“ на Хорхе Луис Борхес). На ист начин организираниот заборав се применува и врз колективниот идентитет и сеќавање.
Борхес забележува дека „можеби Чин Шихуанг го опкружил своето царство со бедеми знаејќи колку е кревко (однатре) и ги уништил книгите затоа што знаел дека се тоа свети книги, односно книги што учат за она за кое учи целиот универзум или свеста на секој човек. Можеби палежот на библиотеката и подигањето на ѕидот се активности, кои на некој таинствен начин се поништуваат едно со друго“, ќе заклучи Борхес. Можеби…

Можеби „нашизмот“ ја зачувал свеста за самобитноста и различноста на македонскиот народ од овој идиотизам низ времето, но се прашувам што ќе нè одбрани од сопствениот „идиотизам“ и од подготвеноста да го прифатиме моделираниот, дисторзиран одраз како единствен образец за иднината и единствена можна „прифатлива иднина“?

Ќе умее ли огледалото на усното предание како оној магичен портрет-огледало од Вајлдовата „Сликата на Доријан Греј“ да го зачува нашиот вистински одраз, сосе трагите на нашите „гревови“ во сегашноста? Ќе ни остави ли можност за подобрување и трансформација според сопствените замисли? Можеби… Но две нешта се сигурни.
Прво, пред влезот на ЕУ има дупло огледало зад кое седи Европската комисија и ја оценува реформската зрелост на земјата, која себеси веќе се (о)гледа (и замислува) во базенот на благосостојбата.

Второ, додека стигнеме дотаму, ќе продолжиме да патуваме помеѓу огледалата на сегашноста, во кои најјасно се гледаат матните феномени и разредениот живот.
Образот го однесе матната вода.

Авторот е магистер по мир и развој и поет