Бизнис-акцелелераторот на УКИМ за технолошки напредни стартапи неделава им е домаќин на група од шест професори и седумдесетина студенти на мастер-програма за бизнис и администрација од Универзитетот за применети науки и уметности од Луцерн.

Програмата за стекнување нови знаења и соработката на студентите од Македонија и од Швајцарија имаат цел да им помогнат на студентите да ги применуваат стекнатите знаења во практика, преку изработка на развоен план и крајна идеја за следно дејствување на развојните бизниси.

Гостите од Швајцарија, покрај разменувaњето на искуствата преку интерактивните работилници, ќе бидат им ментори на македонските бизниси во развој, а ќе се обидат и да овозможат побрз и подобар пристап до глобалниот пазар.

За ефектите од оваа соработка зборуваше и професорот Рене Зеир од Универзитетот за применети науки и уметности од Луцерн, кој истакна дека неговите студенти, кои се на двегодишни магистерски студии за „Развивање бизниси и промоција“, ќе успеат да ги применат знаењата од разновидната програма за лидерство и претприемаштво.

– Сигурен сум дека студентите се подготвени да придонесат кон следните чекори и да се фокусираат на вистинските елементи за да пристигнат на тоа ниво. Со конкретно и прагматично дејствување треба да примениме сѐ што е можно, да ја користиме создадената мрежа и можеби да ја прошириме кон Швајцарија, како и да интегрираме експертиза од колегите професори и ментори. На крајот од оваа недела сакаме да имаме конкретен развоен план – истакна професорот Зеир.

Покрај користа за студентите од Швајцарија и бизнисите во развој, постои голема придобивка и за студентите од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Професорот на Машинскиот факулет, Радмил Поленаковиќ, истакна дека гостите пренесуваат реален систем на стартапи.

– Главната придобивка што ќе ја имаат нашите студенти е што тие ги применуваат советите од швајцарските ментори во нивните реални стартапи. Идејата е за една недела да се овозможи раст на нивниот стартап, под менторство на експертите и соработка со студентите од Швајцарија – објаснува професорот Поленаковиќ.

Корисната соработка на ацелераторот на УКИМ под палката на Александар Стамболиев, Центарот за претприемаштво и развој (ЦЕЕД Хаб), чиј директор е Ѓорѓи Кушевски, и Универзитетот од Швајцарија, почна пред околу половина година.

– Ова е идеја што започна пред шест-седум месеци кога имавме гости од Швајцарија. Идејата беше да направиме соработка со студентите на магистерски студии од Швајцарија и тие да работат со наши стартап-бизниси, да помогнат малку на развојот на нивната бизнис-идеја со професори од тој оддел за бизнис од Универзитетот од Луцерн. Се надевам дека проектот ќе ги направи стартапите одржливи и дека и во иднина ќе продолжи соработката меѓу тимовите – констатира директорот на ЦЕЕД Хаб, Кушевски.

Извршниот директор на ацелераторот на УКИМ, Александар Стамболиев, ги појасни задачите и целите на бизнис-ацелераторот.

– Обезбедувањето континуирана подршка од глобални ментори е една од клучните задачи на акцелераторот на УКИМ. За секој стартап што е дел од акцелераторот на УКИМ, ќе се обезбедува адаптирана поддршка од широката листа на ментори со која располагаме – истакна Стамболиев.