Новиот договор предвидува финансиска помош за Иран, а за возврат Техеран да ги ограничи производството на балистички ракети и своето мешање во земјите од регионот, наведува „Велт ам Зонтаг“.

Дипломати од Европа, Кина и од Русија разгледуваат нов договор со Иран во надеж дека ќе го спасат нуклеарниот договор од кој САД се повлекоа. Новиот договор предвидува финансиска помош за Иран, а за возврат Техеран да го ограничи производството на балистички ракети и своето мешање во земјите од регионот. САД нема да присуствуваат на состанокот, а неизвесно е и учеството на Иран, наведува „Велт ам Зонтаг“.
Дипломатските претставници ќе се сретнат наредните денови во Виена, а со состанокот ќе претседава Хелга Шмит, висока дипломатка на Европската Унија. Германскиот весник, кој се повикува на извори во Брисел, посочува дека на состанокот во австриската престолнина ќе учествуваат претставници на Германија, Британија, Кина, Русија и на Франција.

Тие, исто така, се очекува да разговараат за мерките на ЕУ за одбрана против американските санкции. Според високиот дипломат на Брисел, таквите мерки во најдобар случај би имале само ограничени позитивни ефекти врз иранската економија.
– Мораме да се ослободиме од името „Виенски нуклеарен договор“ и да додадеме неколку дополнителни елементи, и само тогаш претседателот Трамп ќе се согласи и ќе ги укине санкциите – порача европскиот дипломат во изјавата за „Велт ам Зонтаг“.
Планираната средба, како што оценува „Дојче веле“, покажува дека Европа е доста посветена на спасување на договорот со Иран, дури и тоа ако значи оддалечување од САД и соработка со Москва, Пекинг и со Техеран. ЕУ претходно предупреди дека ќе биде катастрофално доколку целосно пропадне договорот за иранската нуклеарна програма.

Европската комисија во петокот почна со разгледувањето серија мерки за заштита на европските компании што инвестираат во Иран и поддршка на иранската економија, со надеж за спасување на договорот со Техеран. Унијата се надева дека ќе го спаси договорот преку финансиска помош, која Иран ќе ја добива сѐ додека се придржува до договорот од 2015 година. Еврокомесарот за енергетика викендов порача до властите во Техеран дека 28-члениот европски блок е посветен на спроведување на нуклеарниот договор и на зајакнување на трговијата со Техеран.