Серијата од 12 меча за титулата светски првак во шах помеѓу шампионот Магнус Карлсен (Норвешка) и предизвикувачот Фабијано Каруана (САД) е предвидено да се игра во Лондон (Велика Британија) во ноември, за награден фонд од еден милион евра. Но од минатата недела се шпекулира дека е можна поголема понуда за награден фонд за дуелот да се пресели во Сент Луис (САД), објавија британски медиуми.

Според информациите, Каруана, кој е првиот шахист роден во САД што ќе игра за титулата, по Боби Фишер, кој во 1972 година го победи Борис Спаски, живее во Сент Луис, кој, пак, станува нов светски шаховски центар и е домаќин, меѓу другите, на првенството на САД и на годишно елитно натпреварување на кое играат и Карлсен и Каруана. Карлсен ја освои титулата во 2013 година на мечот во Ченаи (Индија), по победата над Индиецот Вишванатан Ананд, а потоа двапати ја одбрани, во 2014 година во Сочи (Русија), со триумфот над Ананд, и во 2016 година во Њујорк (САД), каде што беше подобар од Русинот Сергеј Карјакин. Од 2000 година домаќини на мечот за титулата биле и Њу Делхи, Техеран, Москва, Триполи, Сан Луис, Елиста, Мексико Сити, Бон, Софија…