Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во утринските часови, кога сите брзаат навреме да стигнат некаде, комуналците го попречуваат патот. Многу често кога е најфреквентно тие ги метат автобуските постојки или со цистерни ги мијат улиците. Се мијат тротоарите кога по нив одат пешаци, а метлата на комуналците ги брка луѓето од постојките, па тие потоа трчаат по автобусите. Многумина велат дека завршиле испрашени, а некои и намокрени во трката со цистерната и млазот вода. Поплаки имаат скопјани и на вработени од „Паркови и зеленило“, кои со машините за дување лисја често им брмчат под прозорците во раните утрински часови, додека уште спијат. Најмногу им пречат на децата или на оние што работат во смени. Повозрасните велат дека некогаш имало ред кога чистачите го собираат ѓубрето, а кога ги метат и мијат улиците и додаваат дека тие мора ревносно да си ја вршат работата, но не во периоди кога улиците се најфреквентни.

Многумина од нас биле сведоци на ситуации во кои граѓаните трчаат за да се засолнат од цистерните на комуналците, ама секогаш имало и такви што завршувале испрскани или избањати. Овие појави навистина ги револтираат граѓаните и тие често не знаат каде и кому да му се пожалат. Токму затоа тие јавно прашуваат дали е посоодветно ваквите активности комуналците да ги реализираат кога има помала фреквенција на луѓе.

– Пред некој ден, во 8.30 часот, видов како цистерна на ЈП „Комунална хигиена“ ја миеше улицата Втора македонска бригада. Од млазот на цистерната настрада жена со дете што го држеше за рака и бидејќи детето се исплаши жената пушти силен крик и со погрдни зборови викаше по возачот. Јас побегнав во блискиот парк, ама капките вода од тротоарот ме стигнаа. Сакав лично да ја запишам регистарската табличка од цистерната и да го пријавам, ама морав да го стигнам автобусот за да не доцнам на работа. Се прашувам како може да се случува ова и дали не е посоодветно време за миење улици, на пример 5 часот наутро, кога нема никаква фреквенција на луѓе. Можеби комуналците треба да размислат за ова прашање – вели Светлана Милева од населбата Топанско Поле.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ велат дека термините во кои се реализираат акциите на чистење се според однапред одреден план и програма. Планот и програмата предвидуваат работење во повеќе смени, во утринските и вечерните часови, кога има најмала фреквенција на пешаци и возила.
– Камионите метларки се користат само во летниот период, од април до октомври, бидејќи имаат средство за распрскување и можат да предизвикаат подмрзнување. Инаку, со нив се чисти во првата смена. Според програмата за работа, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје стандардно спроведува машинско миење со автоцистерни само во периодот од април до октомври, поради опасноста од подмрзнување. Автоцистерните поминуваат или рано изутрина (во првата смена) или доцна навечер (во третата), затоа што тогаш има најмала фреквенција на пешаци и возила. Инаку, благодарение на поволните временски услови, од 19 до 23 февруари 2019 година реализиравме вонредни акции за миење со автоцистерни. Исто така, кога дозволуваат условите, вршиме дополнителни акции за подобрување на нивото на хигиената и чистотата на јавните градски површини – велат од „Комунална хигиена“.

Некои граѓани се жалат и на брчењето на машините на собирачите на лисја наутро, а за тоа се одговорни вработените од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.

– Се случи неодамна во раните утрински часови, кога уште спиев, да ме разбуди непријатен звук. Погледнав низ прозорецот, долу беа собирачите на лисја, кои редовно го прават тоа наутро. Навистина ми пречи звукот на нивните машини, бидејќи работам втора и трета смена. Кога ќе го слушнам звукот од дувалките за лисја, ми се стемнува. Ниту можам да заспијам повторно ниту можам да станам и да се расправам.

Неколкупати им кажав дека има луѓе што спијат во тоа време, тие ми вратија дека мораат да работат во пропишаното време. Не велам да не ја работат својата работа, но зарем мораат во тие часови да го прават тоа – вели Борче Ристевски.

Овие граѓани само бараат разбирање, а на комуналците и на вработените од „Паркови“ останува да размислат дали нешто навистина треба да променат.