Утринските тренинзи се резервирани за физичка подготовка, а на попладневните тренинзи работиме на техничката и тактичката подготовка. Во вечерните часови со големо внимание ги следиме натпреварите на Светското првенство, во кои ја следиме играта на членовите на нашиот тим и навиваме за селекциите на Македонија и Србија, вели тренерот на металурзите Дамир Стојановиќ

Ракометарите на Металург ја одработуваат завршната фаза од висинските подготовки на Копаоник. Во изминатите неколку дена, избраниците на тренерот Дамир Стојановиќ вредно работат на кондициската и техничко-тактичката подготовка на екипата, која за неколку дена ќе го има својот прв тест на пријателски турнир во Москва, а потоа и на турнирот во Кањижа. Стратегот на Металург на располагање ќе ги има сите ракометари, со исклучок на кадетските репрезентативци Мартин Серафимов, Дарко Кондев и Михајло Младеновиќ, кои настапуваат за Македонија на Светското првенство за ракометари до 19 години, кое се игра во Скопје.

– Во хотелот „Озон“ на Копаоник имаме одлични услови за работа и подготовка на екипата. На располагање ни се спортска сала, фитнес-сала, базен и сауна, така што сѐ е подредено на нашите потреби. Утринските тренинзи се резервирани за физичка подготовка, а на попладневните тренинзи работиме на техничката и тактичката подготовка. Во вечерните часови со големо внимание ги следиме натпреварите на Светското првенство, во кои ја следиме играта на членовите на нашиот тим и навиваме за селекциите на Македонија и Србија. Задоволен сум од работата и залагањето на момците од екипата, освен ситните повреди, кои се нормални во овој период, немаме никакви проблеми во реализацијата на предвидената програма – изјави тренерот на Металург, Дамир Стојановиќ, кој додаде дека има уште многу да се работи додека сите коцки да бидат наредени во ред и дека со нетрпение го очекуваат претстојниот турнир во Москва, кога ќе може да се види што е досега направено и на што ќе треба да се доработи во следниот период.

На првиот турнир во Русија (од 15 до 19 август) Металург за противници ќе ги има белорускиот првак Мешков Брест, романска Стеауа и домаќинот, првакот на Русија, Чеховски медведи. На турнирот во Србија, пак, (од 22 до 25 август), за кога се очекува приклучувањето кон тимот и на кадетските репрезентативци, металурзите ќе играат со Нексе (вицешампион на Хрватска), Партизан (Србија) и со Рамат Шарон (Израел).