Фото: Дарко Андоновски

Металург вечерва го пречекува Спортинг, во 7-то коло од Лигата на шампионите

Со синоќешниот дуел помеѓу германскиот вицепрвак Левен и актуелниот европски првак Монпелје, почнаа натпреварите од 7-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет, во кое вечерва (19 часот), во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, подновениот тим на Металург ќе го пречека португалскиот првак Спортинг, во групата Ц.

– Гледајќи ја нашата игра во првото полувреме на мечот со Чеховски медведи, имам надеж дека можеме да се обидеме да победиме на овој натпревар. Спортинг е сериозна екипа, со огромно искуство, има одличен тим, кој е квалитетно покриен на сите позиции. Факт е дека победите годат, но уште повеќе радува ако до таа победа тимот дошол со добра игра. Сепак, како што кажавме и претходно, во оваа фаза од сезоната резултатите за нас се во втор план, сѐ до почетокот на македонското првенство. За нас најважно е екипата напорно и добро да тренира, добро да игра, а ако биде сѐ така, резултатите сами ќе си дојдат – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

За Металург и за Спортинг ова ќе биде четврти меѓусебен дуел во ЛШ. Во минатата сезона и двата тима славеа на домашен терен. Во Скопје резултатот беше 28-27, а во Лисабон 31-27. Годинава во мечот од 1-то коло младиот тим на Металург во првото полувреме одлично му парираше на искусниот и квалитетен состав на Спортинг (13-13), а продолжението од мечот помина во знакот на домаќините, кои искусно ги искористија сите грешки на младите металурзи за победа со 34-26.

По шесте кола, Спортинг ја има втората позиција на табелата, со осум бода од четирите победи, над Металург, Чеховски медведи (23-22), Татран (30-27) и над Бешикташ (33-27). Португалскиот тим има и два пораза, од Татран (28-26) и од Силкеборг(35-32). Металург, пак, е на шестата позиција на табелата, со два бода од победата над Чеховски медведи (25-24).