Лионел Меси

Неговата визија, прегледот на играта се феноменални, рече Фердинанд за Меси, а Линекер претходно коментираше дека визијата на Меси е толку добра што тој игра како да гледа од горе надолу кон теренот (како од коментаторска позиција), нешто слично што во минатото се кажуваше и за Кројф

Волшебникот Лионел Меси одигра уште еден фантастичен натпревар, постигна два гола, беше инволвиран и при постигнувањето на другите два, а згора двапати ја погоди и пречката на мечот Тотенхем – Барселона (2-4) на стадионот „Вембли“ пред 90.000 луѓе, каде што го одигра првиот меч по 2011-та и финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) против Манчестер јунајтед (3-1).
Меси, кој сезонава е во капитенска улога по заминувањето на Андрес Иниеста, повторно беше кобен за англиските тимови против кои постигна вкупно 22 гола (најмногу против Арсенал, девет), плус шест асистенции, на 28 натпревари во ЛШ, најмногу во споредба со тимови од која било друга земја. Меси веќе постигна пет гола (три на првиот меч против ПСВ) сезонава и уште отпорано најави дека триумфот во ЛШ за него е приоритет, па потоа одбраната на титулата во Ла лига.

Разбирливо за играта и за ефектот на Меси следуваа само пофални зборови, почнувајќи од менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино.

– Тој е фантастичен, но најважното е тоа што на секој меч покажува зошто е Меси. Не постои натпревар на кој тој одиграл просечно – вели тој.

Колегите фудбалери, сега во улога на коментатори, исто така, не штедеа пофални зборови за Меси.

– Тој едноставно е предобар, неговата визија, прегледот на играта се феноменални. Јас ги гледав луѓето на трибините како одушевено го гледаат него како игра – истакна Рио Фердинанд.

Гари Линекер, поранешниот центарфор на Англија, но и на Тотенхем и на Барселона, на Твитер напиша: „Зарем има нема некој што мисли дека имало подобар фудбалер од Меси? Сериозно го мислам тоа?“

Линекер претходно коментираше дека визијата на Меси е толку добра што тој игра како да гледа од горе надолу кон теренот (како од коментаторска позиција). Во минатото слично се кажуваше и за Јохан Кројф, во смисла дека можеше да го види целиот терен во секој момент, како на шаховска табла. Очигледно тоа 100-отстотно важи и за Меси.


РЕЗУЛТАТИ, 2. КОЛО
Група А: Борусија Д. – Монако 3-0, Атлетико – Бриж 3-1. Табела: Борусија и Атлетико по 6, Монако и Бриж 0. Идно коло: Борусија – Атлетико, Бриж – Монако.
Група Б: ПСВ – Интер 1-2, Тотенхем – Барселона 2-4. Табела: Барселона и Интер по 6, ПСВ и Тотенхем 0. Идно коло: Барселона – Интер, ПСВ – Тотенхем.
Група Ц: ПСЖ – Црвена звезда 6-1, Наполи – Ливерпул 1-0. Табела: Наполи 4, ПСЖ и Ливерпул по 3, Црвена звезда 1. Идно коло (24.10.): Ливерпул – Црвена звезда, ПСЖ – Наполи.
Група Д: Локомотив М. – Шалке 0-1, Порто – Галатасарај 1-0. Табела: Порто и Шалке по 4, Галатасарај 3, Локомотив 0. Идно коло (24.10.): Галатасарај – Шалке, Локомотив – Порто.