Зад Меси, кој петти пат ја освојува „златната копачка“ за постигнатите 34 гола (68 поени), сезонава се двајца фудбалери од англиската Премиер-лига, Мохамед Салах од Ливерпул со 32 и Хари Кејн од Тотенхем со 30 погодоци

Аргентинецот Лионел Меси, напаѓачот на Барселона, со 34-те постигнати првенствени гола (коефициент 68 поени), е најефикасниот фудбалер сезонава во Европа и добитник на „златната копачка“, петти пат во кариерата (2010, 2012, 2013, 2017 и 2018 година).
Наедно Меси е добитник и на трофејот „Пичичи“, признание што го доделува весникот „Марка“ и е наречено според Роберто Пичичи Морено, поранешен играч на Атлетик Билбао.
Зад Меси според ефикасноста сезонава беа двајца фудбалери од англиската Премиер-лига, Мохамед Салах од Ливерпул (32 гола, 64 поени) и Хари Кејн од Тотенхем (30/60). По 29 гола (58 поени), постигнаа двајца играчи од италијанската Серија А, Чиро Имобиле (Лацио) и Мауро Икарди (Интер). Со 29 гола сезонава може да се пофали и полскиот интернационалец во дресот на Баерн, Роберт Левандовски.

Бразилецот со италијански пасош, напаѓачот на Бенфика, Жонас, постигна 34 гола, исто колку и Меси, но поради послабиот коефициент (1,5) за даден гол во португалската лига, тој има 51 поен и не е меѓу прворангираните.
Меси седми пат во последните девет сезони постигнува 30 и повеќе гола (помалку даде само во 2014 и во 2016 година). Кристијано Роналдо, кој сезонава постигна „само“ 26 гола, четирипати ја освојувал „златната копачка“ 2008, 2011, 2014 (заеднички со Луис Суарез) и 2015 година.
Единствен фудбалер добитник на ова признание, освен Меси, Роналдо и Суарез од 2007/2008 па наваму, е Уругваецот Диего Форлан, кој во сезоната 2008/2009 во дресот на Атлетико Мадрид даде 32 гола (64 поени).

Меси уште како многу млад играч најавуваше дека ќе биде идна голема ѕвезда, но малкумина очекуваа дека тој ќе стане и еден од најдобрите стрелци во историјата на Барселона, во шпанската Ла лига, но и во Европа и во светот воопшто. Бројките и статистиката го кажуваат тоа.
Меси има дадено 383 гола во Ла лига, повеќе од легендите како што се Алфредо
ди Стефано, Тело Ѕара и други славни и познати имиња. Осум од 10-те гола Меси ги дава со левата нога. Но дека и десната не му е само за „потпирање“ сведочат 57 погодока, распоредени речиси во секоја сезона. Во сезоната 2011/2012 го достигна голгетерскиот зенит постигнувајќи дури 50 гола, соборувајќи го на тој начин дотогашниот рекорд од 38 гола во една сезона на Мексиканецот Уго Санчез во дресот на Реал. Дека тие 50 гола не биле случајни, Меси покажа веќе во следната сезона 2012/2013 кога даде 46 гола.