Напаѓачот на Барселона сезонава постигна осум гола во ЛШ, на 30-те меча против англиски тимови постигнал 22 гола, повеќе од на кои било тимови од други земји. Барса вечерва гостува во Манчестер, во четврт-финалето на ЛШ

Со двата вечерашни натпревара, Манчестер јунајтед – Барселона и Ајакс – Јувентус се заокружува првиот дел од четвртфиналната рунда во Лигата на шампионите (ЛШ). Барса важи за фаворит во двомечот со Манчестер јунајтед кого двапати го победи во финалињата, пред 10 години (2-0) и во 2011-та (3-1). На тие два меча во главната улога беше Лионел Меси (постигна по еден гол) од кого повторно ќе доаѓа главната опасност.

Статистиката вели дека Меси, кој сезонава има осум гола во ЛШ, на 30-те меча против англиски тимови постигнал 22 гола, повеќе од на кои било тимови од други земји. Барселона има пет шампионски титули (1992, 2006, 2009, 2011 и 2015-та), а Манчестер Ј., три (1968, 1999 и 2008-та).

На арената „Јохан Кројф“ во Амстердам ќе се сретнат Ајакс и Јувентус, два славни и трофејни тима, кои имаат освоено вкупно шест титули првак на Европа и кои во минатата, осминафинална рунда во голем стил ги елиминираа, сѐ уште актуелниот првак, Реал, односно Атлетико на чиј стадион ќе се игра големото финале во ЛШ. Двата тима досега двапати играа меѓу себе во финалињата и имаат по една победа (Ајакс во 1973-та, Јувентус во 1996 година).

Во досегашните 12 четвртфиналиња Ајакс осум пати излегол како победник, а четири пати бил елиминиран, последен пат во 2002/2003-та од Милан. Јувентус, пак, 19 пати бил четвртфиналист, 12 пати бил победник, а осум пати поразен, последниот пат лани од Реал.

Од другите куриозитети е и тоа дека Англичаните, кои имаат четири тима во четврт-финалето го израмнија сопствениот рекорд од сезоните 2007/2008 и 2008/2009. Со тоа тие ја прекинаа доминација на Шпанците, кои во минатите шест сезони (од 2012/2013 до 2017/2018) имаа по три екипи меѓу најдобрите осум, и на крајот освоија пет од можните шест титули.

За доминацијата на тимовите од овие две земји сведочи и тоа дека во полуфиналето, меѓу најдобрите четири, шест пати во историјата на ЛШ имало по три тима од иста земја, трипати од Англија (2006/2007, 2007/2008 и 2008/2009), двапати од Шпанија (1999/2000 и 2016/2017) и еднаш од Италија (2002/2003).

Во финалето ЛШ шест пати играле тимови од иста земја, трипати шпански и тоа трипати Реал, кој трипати и победувал, против Валенсија (2000) и двапати против Атлетико (2014 и 2016). По еднаш во финалето се сретнале тимови од Италија, Милан – Јувентус (2003), од Англија, Манчестер Ј. – Челси (2008) и од Германија, Баерн – Борусија Д. (2013).