Варшава – Полската владејачка партија Право и правда победи на парламентарните избори, освојувајќи најмалку 45 проценти од гласовите. Резултатите покажуваат дека партијата на бившиот премиер Јарослав Качински ќе има мнозинство во полскиот парламент. Главната опозициска партија, центристичката Граѓанска коалиција, освои речиси 27 отсто од гласовите, додека, пак, на трето место е групацијата на левичарски партии, која ја доби поддршката од 12 проценти од гласачите.

Вашингтон – Изборната кампања на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на удар на остри критики, откако на состанокот на неговите симпатизери во Мајами беше објавена монтирана видеоснимка, на која шефот на Белата куќа пука и ги прободува своите противници и претставниците на медиумите. На снимката, лажниот Трамп му ја пали главата на сенаторот Берни Сандерс, а потоа пука кон луѓе, чии лица биле заменети со логоата на телевизиите Си-ен-ен, Би-би-си, Ен-би-си и други медиуми.

Мадрид – Шпанскиот врховен суд осуди девет лидери на каталонските сепаратисти на затворски казни, во траење од 9 до 13 години, поради нивната улога во неуспешното прогласување независност во 2017 година. Во текот на судењето, каталонските лидери се изјаснија дека не се виновни и оти им се суди поради политички причини. Сепаратистичките партии ги повикаа жителите на Каталонија на граѓанска непослушност, доколку нивните лидери не бидат ослободени.

Стокхолм – Економистите Абиџит Банерџи, Естер Дифло и Мајкл Кремер се годинашни добитници на Нобеловата награда за економија за нивниот експериментален пристап кон намалување на глобалната сиромаштија. Дифло е втора жена добитник на Нобеловата награда за економија, по Елинор Остром во 2009 година, а наедно е и најмлада добитничка на оваа награда.