Лондон – најбогатите луѓе во Британија се подготвени веднаш да ја напуштат земјата ако актуелниот лидер на опозициските лабуристи Џереми Корбин стане премиер по претстојните вонредни избори, стравувајќи од можна промена на даночната политика, пренесува „Гардијан“. Адвокати и сметководители на најбогатите британски семејства велат оти биле преплавени со повици од богаташите, кои барале помош и совети во изборот на земји за селидба.

Вашингтон – Американското министерство за правда објави документи од истрага за наводното руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година по пресуда во судски спор со Базфид њуз, кој бараше пристап до нив. Објавените документи вклучуваат разговори или имејл-кореспонденција меѓу Рик Гејтс, бивш заменик-шеф на изборната кампања на претседателот Доналд Трамп, Стив Бенон, бивш главен стратег на Трамп и Џаред Кушнер, зет и висок советник на Трамп, за набавка и анализа на пробиените имејлови на противкандидатката на Трамп, бившата државна секретарка Хилари Клинтон.

Техеран – Иран нема да попушти под притисокот од својот долгогодишен непријател САД, изјави врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Тој додаде дека преговорите со Вашингтон нема да ги решат проблемите на Техеран. Според него, оние што веруваат дека преговорите со непријателот ќе ги решат нашите проблеми, сто отсто грешат.

Каиро – Провинцијата Синај, египетскиот разгранок на т.н. Исламска држава, се заколна на верност на новиот лидер на терористичката група по смртта на Абу Бакр ал Багдади во операција на американските специјалци. Египетскиот разгранок објави дека ќе го следи новиот водач на Исламска држава, Абу Ибрахим ал Хашими ал Кураиши.

Москва – Наводниот заштитник на владеењето на правото, Вашингтон, ги крши сопствените антисириски санкции со шверцот на нафта од полињата што ги окупираше од Дамаск, обвини портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова. Таа тврди дека САД месечно шверцуваат сириска нафта во вредност од 30 милиони долари. Според неа, нафтата потекнува од североисточниот дел на Сирија, каде што САД го задржаа своето воено присуство откако ги повлекоа силите од сириско-турската граница.