Женева – Бившата обвинителка на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, Карла дел Понте, изјави дека против турскиот претседател Таип Ердоган треба да се поведе истрага и да биде обвинет за воени злосторства извршени од неговата земја за време на офанзивата во Сирија. Таа порача дека турската интервенција е кршење на меѓународното право и дека го обновила конфликтот во Сирија. Дел Понте беше член на Сириската истражна комисија од 2012 до 2017 година, кога поднесе оставка, тврдејќи дека нема политичка поддршка од Советот за безбедност на ОН.

Лондон – Најновите анкети покажуваат дека Конзервативната партија на британскиот премиер Борис Џонсон води со предност од 16 отсто пред опозициските лабуристи, непосредно пред гласањето во парламентот за тоа дали Британија ќе оди на предвремени избори. Според резултатите, поддршката на конзервативците е зголемена за три проценти во однос на анкетата спроведена пред осум дена, додека лабуристите останаа со ист рејтинг.

Сантијаго – Чилеанскиот претседател Себастијан Пинера побара оставка од сите министри во Владата, само еден ден по најмасовните протести во историјата на земјата, на кои учествуваа над еден милион лица. Според него, оставката е неопходна за да се формира нова влада што ќе може да одговори на новите барања. Станува збор за трета реконструкција на владата на Пинера, кој стапи на должност во март 2018 година, за нешто повеќе од година и пол.

Багдад – Најмалку 67 Ирачани се убиени, а повеќе стотици се ранети во судирите со безбедносните сили во текот на вториот ден од масовните антивладини протести во земјата. Во обид да го смири насилството, ирачкиот премиер Абдул Махди им наредил на членовите на Антитерористичката единица (ЦТС) да излезат на улиците во престолнината Багдад и во Насирија, во јужниот дел на земјата. Во судирите помеѓу демонстрантите и безбедносните сили пред две недели беа убиени 157 лица, а над 6.000 лица беа ранети.