Меморија (Или, како таа им се ускратува на Македонците)

Знам. Ми велиш, драг читателу: дај оттргни се малку од таа болна тема со име Македонија и нејзината трагична судбина; дај плови малку во метафизички води, во чиста поезија – поет си? Одмори се. Да, благодарам на сугестијата. Ќе дојде, ако даде Господ, може и за тоа време, за метафизичка мотика, но сега не е време за неа, ни за метафизичко лозје и дионизиско вино што фрла во земно и небесно пијанство. Не. Раната на родот на кој му припаѓам, а Создателот знае зошто ме пратил во него, е преголема за да не ја чувствуваме како сопствена неа, како што не ја чувствуваат многуте подлизурковци и одродници, исмевајќи ја и фрлајќи сол во неа. Само нека знаат дека засекогаш ќе бидат презрени, и за тоа нема да им простат ни идните поколенија ни Господ.

Туку, еве, парадоксално и нашата денешна тема, драг читателу, има метафизички звук, без разлика што истиот тој реално извира од нашата болка и рана. Меморија. Тоа е, се чини, средишниот, најважниот поим што нè засегнува по идентитетскиот геноцид нас Македонците сега. Тој има митско потекло, а е засведочен и со посебна муза во антиката: Мнемосина. Негови синонимни варијанти се паметењето и спомените, кои се однесуваат, имено, токму на нештата што се достојни за тоа. Според мене, најпрво тоа се хероите, најскапоцената саможртва во секој род и во самото човештво. По нив доаѓаат сите други: мудреците, пророците, поетите, научниците итн. Така, бидејќи нивното постоење, вклучувајќи го и раѓањето, го овозможуваат токму хероите, прометејската сорта на бестрашните што го крадат огнот од боговите, жртвувајќи го сопствениот живот за да им го дадат на луѓето.

Тоа. Туку кога станува збор за меморијата, чуден е морфолошки тој затемнет збор. Неговиот корен мор(ија) сугерира гибел, смрт, поморија во нашиот поархаичен подзаборавен јазик. Па, тука е и зборот мора, кај нас со значење полноќен кошмар на работ од сонот и јавето, кога некој како вампир те зграпчил и ти ја цица крвта; ти знаеш, свесен си дека сонуваш и треба да се разбудиш, но не можеш ни со прст да мрднеш или да крикнеш облеан во врела пот. Е, во таква состојба на мора по нашата идентитетска ликвидација од Западот и нашата квислиншка влада сме и ние Македонците сега и не знаеме до кога ќе трае тој сомнамбулен кошмар. А ќе трае по сè изгледа многу долго. Можеби и цело столетие додека да излеземе на виделина од него.

Таква е сега нашата морија и поморија, иако сама по себе меморијата може да биде и многу убаво чувство. Чувство на една спокојна контемплација, на една регресивна трансцедентална пловидба назад кон рајските предели на детството. Оти како што вели и Рилке: „Детството е храна на целокупната наша поезија“, или, ако случајно не сме поети, на целокупниот наш живот. Да го знаел тоа Сартр сигурно и не би го дефинирал животот како „мачнотија на постоењето“. Кога сме, пак, кај меморијата, да кажеме дека понекогаш во неа спомените се отвораат со таков широк и пловен тек што може со нив да се наполни и цел еден голем романсиерски опус, како што е случајот со Марсел Пруст. Нему еднаш пиејќи чај му паднала бисквитата во филџанот, нешто што го потсетило на една слична епизода од детството. И тоа било доволно да се одврзат од тој детаљ како голема подзаборавена река спомените во него и да тргне перото по убавиот пат на регресивната трансценденција назад кон неопфатниот свет на детството, полнејќи ги страниците на неговите дебели романи. Таа, пак, своја убава регресивна пловидба на свеста, потсвеста и натсвеста, тој како литерарен метод ја именувал како: потрага по загубеното време, кое од скриените по малку мувлосани депоа на потсвеста го вади на површина, спасувајќи го од заборавот. Да. И еве нè сега, драг читателу, по аналогија со Пруст кај нас, од неговото интимно кон нашето рането колективно битие, кое слично како него, особено од 1990 наваму, се обидува да направи реинтеграција со новиот историски миг на загубеното време, и забранувано истовремено, потрупувано со калта на Европа и балканските соседни хиени, што дојде особено до израз со сегашното наше геноцидно преименување. Се разбира, тука во прв план е уште Америка, која не ни е пријател туку непријател и, се разбира, нашата петта колона со Владата и премиерот на чело.

Но нашето обезименување, или обезглавување, сега е мотив повеќе, драг читателу, императив силно да тргнеме во потрага по загубеното време откраднато од европските западни и од балканските хиени, кон времето на колективното детство, што со други зборови значи кон праизворот на својот автентичен праидентитет и постоење. Од него, со божествената ламба на Името што ни го силуваа и грабнаа, кое со блескава цивилизациска светлина се пробива низ темните пластови на столетијата, пред сè низ светите страници на Стариот и Новиот завет, за да нè изнесе до крајните брегови на западната цивилизација со име Европа. Таа што со онаа смрзнувачка придавка северна нè стави во својот геноциден мртовечки фрижидер како заклан добиток. Нè закла онака како што Ирод ги закла невините деца во Витлеем, барајќи ја во секое од нив главата на Спасителот. Всушност, со преименувањето, врв на нејзиниот цивилизациски садизам, за кој и нејзиниот славен Маркиз де Сад е аналфабет, таа се обиде да ни ги порамни како Војводина мозочните бразди, со цел да нè отсече од меморијата и да направи од нас безлични идиоти. А тоа сега за сега речиси ѝ успеа нејзе.

Нам, пак, како на колектив ни останува сега да го вратиме смртоносниот удар со кој ни е парчосано идентитетското теме и да се вратиме од смрт во живот со целокупната исконска енергија на разбудената душа, да тргнеме кон враќање на силеџиски украденото Име заедно со сè што содржи и влече по себе тоа како културно-цивилизациски имот, оној што е неизбришлив во нашето колективно сеќавање дури и во сонот. Мислам, драг читателу, дека следната фаза на евроатлантските и балканските сатрапи, како и на нашите петтоколонаши, ќе биде стигматизација и цензура на соништата на Македонците. Ќе се испитуваат што сонуваат. Ако сонувале антика, Филип или Александар Македонски, па по нив апостол Павле, па по него Кирил и Методиј, Климент и Наум ќе се преземат санкции против нив. Секој престапнички сон ќе биде мерен со специјален казнен кантар, оти соништата со таква и слична содржина според Брисел и Вашингтон смеат да ги сонуваат само Грците и Бугарите. Некои од нив и Албанците. Но никако не и Македонците. Казните за тие и таквите престапни соништа ќе одат, по идентитетската ликвидација со Името, и физички да се урниса народот што премногу сонува, да се докусури докрај „столченото племе“, како што би рекол Блаже Конески.

Тоа ни се пишува како судбина, драг читателу. Зарем не ти е јасно? На отстрел по Името се ставени јазикот и сите идентитетски знаци што се небесен и земен печат на нашето колективно битие од древни времиња до денес. До вчера, до оној идиотски потпис на геноцидниот Преспански договор. И сè е акрибично планирано и подготвено за големото историско бришење на Македонците од картата на светот со цел да се затре секој спомен на нив. По можност во најблиска иднина. Нашата погребна влада за таа цел, по диктат на Брисел и Вашингтон, има ангажирано цели гробарски комисии и тимови за закоп, сосе народот на сите до еден идентитетски знаци што го означуваат нашиот древен културно-цивилизациски код, сите архетипови, симболи, песни, ора, приказни, гатанки, игрозборки, бајалки, здравици, благослови, клетви, везови, воздишки, крикови, тажаленки…

Неодамна едно свештено лице од висок ранг ми кажуваше дека кај него во епархијата веќе иделе некои сиви сурати, инспектори за контрола на македонските соништа што бapале од него да ги избрише сите шеснаесетзрачни сонца од античкото македонско знаме на фреските и иконите, но и на камењата по црквите, оти тоа, како што велат и политидиотите од Брисел и Вашингтон, било демек грчко. Арно ама тоа сонце го има на илјадници места и камења, цркви и куќи кај нас, тетовирано како неизбришлив идентитетски печат и во стотици илјади македонски срца. Не е патетично. Вистина е, оти, ако сакаш драг читателу и науката докажала дека некои идентитетски знаци ce генски втиснати, пренатални, и доаѓаат во едно племе на свет по линија на предците уште со самото раѓање на новиот пород. Нa модерната генетика ѝ е добро познато тоа, исто како што ѝ е познато и нивното бришење со специјални геноцидни методи на мајсторите на смртта. Ние добро ги запознавме нив и допрва ќе ги дозапознаваме. Преспанскиот договор е за засекогаш да се избрише од свеста на Македонците не само античкиот славен дел од нивната историја туку и секое сеќавање на Егејска Македонија, на македонските огништа и гробови во неа. Договорот со Бугарите е со иста цел во однос на Пиринска Македонија, а за тиранската платформа допрва ќе видиме. Илирида експлодира во сликата на голема Албанија, која ја спружила својата граблива рака не само кон Западна туку кон цела Македонија. Проектот на двојазичноста не е во контекст на човекови права. Зарем е Франција со десетина милиони Арапи двојазична, или Германија со седум милиони Турци? А? Добро знаеме дека тиранската платформа е проект на ЦИА за целосно дотаманување на Македонија и на Македонците. Треба да сме глупи и слепи за да не ни е јасно тоа.

Тоа е тоа. Стигматизирани сме и понижени штом сме обезимени и штом се укинува со бришење на идентитетските знаци и забранет пристап до нив нашата меморија. Нашата историска и судбинска рана не е затворена како што попусто го лажат нашиот народ нашиот лажлив премиер и влада. Така, иако по дефиниција самата меморија е неукинлива. Зa тоа треба да бидеме свесни како индивидуи и колектив, вон петтоколонашите, за да не нè закопа Вавилонската ороспија заедно со соседните балкански гробари во гробницата на заборавот. Оти таа одамна копнее да го стори тоа. Таа мислеше дека нејзиниот крвав меч со Букурешт 1913 конечно ќе нè затре, кога живото македонско тело со нејзин амин беше најбрутално масакрирано. Арно ама талентот за вампиризам го крена него од смртта, и тоа, парадоксално, во време на големата катастрофа на глупавата Европа, на нејзината Втора светска војна, во која таа испрати на касапница милиони свои граѓани, претежно младичи и девојки. Ете, јасно ли ти е, тоа е Европа, тоа се вика цивилизација, драг читателу. Во таа европска катастрофа Македонците се кренаа од пепелта како феникс со АСНОМ, кому сега му ги потсекоа болно крилјата Заев и неговата квислиншка влада со измената на Уставот, a cè со цел во него што поудобно да се смести капитулантскиот за Македонците Охридски рамковен договор. Сега верувам сè ти е јасно, драг читателу, целата западна, таканаречена либерална цивилизациска перверзија од која страда (ако ги додадеме тука и Јенките со НАТО и капачињата од „кока-кола“) еден добар голем дел од светот. Што да ти зборувам повеќе, освен тоа да ги споиш жичките во твојата свест што ти ги пресекле идентитетските убијци од Запад и од нашата влада, за да се обнови насила прекинатиот ток и да потече повторно моќно праисконската струја на твојата меморија од Праизворот, од кој во денови на најстрашни историски и судбински искушенија пиеле животодавна вода твоите храбри, чесни и праведни предци и прапредци. Биди и ти како нив. Немој да ги посрамиш како оние безрбетни подлизурковци, странски платеници во Владата и парламентот. Толку од мене за денес. Повеќе од Господ, кој, длабоко верувам, нема да го заборави и избрише од својата меморија твојот и мојот настрадан народ. Затоа што тој од древни времиња бил врзан за неговото Слово на Љубовта, кое по негова волја преку апостол Павле и Лидија Македонката како штафета му го предадовме и на Западот, на Европа, но таа, за жал, во наравот остана паганска, варварска, и до денес не го усвои него.