На турнирот ќе настапат репрезентациите на Бугарија, Украина, Белгија и домаќинот
Македонија, а мечевите ќе се играат во салата „Градски парк“

Меморијалниот 43. одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој денеска и утре ќе се одржи во Скопје (сала „Градски парк“), ќе биде еден од најквалитетните досега, со оглед на тоа дека ќе настапат четири репрезентации, Бугарија, Украина, Белгија и домаќинот Македонија.
Денеска на програмата се дуелите Македонија – Украина (17.30) и Бугарија – Белгија (20.15 часот), а утре ќе се играат мечевите за третото (17.30) и за првото место (20.15 часот).

Турнирот се одржува од 1975 година, во чест на Чајка, еден од основоположниците на одбојката во Македонија, најпрвин како активен одбојкар, потоа и како тренер. Годинава турнирот е во рамките на подготовките на македонската репрезентација, која во септември (од 12-ти до 29-ти) првпат ќе настапи на финален турнир на Европското првенство (ЕП) во Љубљана, Словенија.

Црна дамка на годинашниот турнир фрли промената на локацијата на одигрувањето на натпреварите. Наместо во салата на СРЦ „Кале“, каде што тренираа(т) одбојкари, и беше закажан турнирот, натпреварите ќе се играат во салата „Градски парк“. Одбојкарите практично од салата „Кале“ беа набркани од концесионерот, поради одигрување футсал-натпревари, претквалификации за Лига на шампиони (ЛШ), на кој домаќин е Шкупи!

Агенцијата за млади и спорт (АМС), која е покровител на одбојкарскиот турнир и под чија надлежност би требало да бидат спортските објекти, беше немоќна да го реши проблемот. Директорот на АМС, Дарко Каевски, посочи дека салите и другите спортски објекти се во надлежност на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор што ги издава на користење. Тука некаде се преклопуваат ингеренциите и надлежностите, односно АМС е немоќна, а цехот сега го платија одбојкарите.