„Елеазар“ е новиот проект на Маја Кикириткова-Трајковски, со кој се враќа на модната сцена во Македонија. По неколкугодишна пауза, Маја се враќа со пролетна колекција, во препознатливите пастелни бои, дополнети со белата и црната како задолжителни бои во орманот, зачинети со тантела за дополнување на женственоста.

– Се чувствувам реализирано, созреано и мислам дека е вистинско време да направам нешто во животот што ќе го оставам зад себе како траен белег на она што го правам. Сето ова го гледам во „Елеазар“, мојот нов проект, со кој и официјално се враќам на модната сцена – изјави Маја Кикириткова.

Елеазар ќе претставува колекција „подготвена за носење“, или наменета за сите динамични жени, овозможувајќи одговор за секој нов предизвик во денот, од динамично работен ден што може да заврши со коктел.

– Конечно по неколку години се враќам на модната сцена. Среќна сум што почнувам едно ново поглавје преку брендот „Елеазар“. Колекцијата е инспирација од името на мојот син Лазар, која е наменета за урбани моменти за урбани и модерни динамични жени – додаде Маја Кикириткова.

Оваа уникатна колекција содржи уникатни парчиња облека, кои наскоро ќе бидат достапни за секого преку онлајн-продавница.

Маја Кикириткова го подготвува и своето модно ателје, кое е планирано да се отвори во првата половина на март. Ателјето ќе биде место каде што ќе можат да се погледнат уникатните парчиња од колекцијата „Елеазар“. Конечно, по долгогодишна пауза, умешноста со платното зачинета во стилот на Кикириткова ќе добие своја реализација.

Маја ѝ е добро позната на македонската модна публика со години преку своите колекции. Моментално своето знаење го пренесува на Универзитетот за мода во Приштина.