Маршалов план за Блискиот Исток?

Воопшто не е изненадувачки тоа што Палестинците го отфрлаат планот на зетот на Доналд Трамп, гневни на непристојниот предлог за замена на одамна договорениот план „земја со мир“ со формулата „пари за мир“. Малку е веројатно тие да ја прифатат дарежливата донација за економски развој од 50 милијарди долари, кои допрва треба да се соберат од донаторите, и да се откажат од напорите за независна држава

На Блискиот Исток ништо ново. Додека вниманието на светската јавност е фокусирано на тоа дали кај претседателот Доналд Трамп ќе победи разумот и нема да го притисне „црвеното копче“ за почеток на воена операција против Иран, во заднината се одигрува нова епизода од блискоисточната сага. Па, така, првата фаза од долгоочекуваниот мировен план на администрацијата на Трамп за Израел и Палестина беше дочекана со отворен скептицизам, отфрлање, па дури и голем гнев (кај Палестинците).
Планот беше претставен на регионална конференција во Бахреин, на која не присуствуваа ниту израелски, ниту палестински претставници, и предвидува финансиска помош за Палестина, во замена за мировен договор, во кој воопшто не се споменува решението со „две држави“. Па, така, воопшто не е изненадувачки тоа што Палестинците го отфрлаат, гневни на непристојниот предлог за замена на одамна договорениот план „земја со мир“ со формулата „пари за мир“. Малку е веројатно тие да ја прифатат дарежливата донација за економски развој од 50 милијарди долари, кои допрва треба да се соберат од донаторите, и да се откажат од напорите за независна држава…
Со обидот за „откупување“ на палестинската кауза, според предупредувањата на многумина експерти и аналитичари, особено од Западот, може да го блокира политичкиот процес за наоѓање колку-толку праведно решение на седумдеценискиот спор. Предлогот, кој е дело на зетот и советник на Трамп, Џаред Кушнер, Вашингтон го рекламира како „шанса на векот“ за Палестинците, но дека нивната согласност е предуслов за мир меѓу двете страни. Кушнер само пред неколку дена испрати силна (утешителна) порака до Палестинците: „претседателот Трамп и Америка не се откажаа од вас“.

Трамп ја шокира светската (и арапската) јавност со признавањето на Ерусалим за израелска престолнина, напуштајќи ги повеќедецениската американска политика и однесување. Тој исто така ја пресели американската амбасада во Израел од Тел Авив, светиот град на Евреите, муслиманите и христијаните и чиј статус е еден од најголемите предизвици во блискоисточниот конфликт

Но токму постапките на Трамп и неговата администрација во Вашингтон од изминатите две години го говорот спротивното – Америка испраќа силни сигнали дека „крева раце“ од мировниот процес помеѓу Палестинците и Израелците. Па, така, шефот на Белата куќа во февруари 2017 година одби да понуди јасна визија за тоа како би изгледало неговото решение на деценискиот израелско-палестински конфликт. Потоа, во декември истата година, Трамп ја шокира светската (и арапската) јавност со признавањето на Ерусалим за израелска престолнина, напуштајќи ги повеќедецениската американска политика и однесување. Тој исто така ја пресели американската амбасада во Израел од Тел Авив, светиот град на Евреите, муслиманите и христијаните и чиј статус е еден од најголемите предизвици во блискоисточниот конфликт. Како тоа да не беше доволно, администрацијата на Трамп лани почна со серија кратења на донациите за палестинските територии и палестинските бегалци во Јордан, Либан, Сирија, Газа и израелски окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим. На тоа следуваше и соопштението на американскиот претседател, од март годинава, дека САД го признаваат израелскиот суверенитет над окупираните Голанска Висорамнина, територија што Израел ја одзеде од Сирија во војната до 1967 година…
И сега, капката што дефинитивно ја прелеа „палестинската чаша“ е планот на Кушнер, кој очекувано беше дочекан на нож од Палестинците и нивните лидери – без разлика на тоа од која фракција потекнуваат. Очигледно гневниот (и без влакна на јазикот) палестински претседател Абас воопшто не го криеше гадењето од американската понуда.

– Нема да бидеме робови или слуги на Кушнер и американскиот амбасадор во Израел, Дејвид Фридман. Да, потребни ни се економска поддршка, пари и помош, но пред сѐ е потребно политичко решение на проблемот – порача остро палестинскиот лидер.
На тоа се надоврза и исламистичката милитантна група Хамас, која господари со Појасот Газа, а инсистира дека Палестинците нема да ги продадат своите права ниту „за целото богатство на Земјата“.

Па, така, судејќи по реакциите на палестинската страна, „Маршаловиот план 2.0“, за разлика од првиот, уште од самото зачнување по сѐ изгледа е осуден на неуспех…