Тимот што минатата сезона успеа да освои рекордни 100 поени во Премиер-лигата чини 795,2 милиони евра. Зад Сити е Реал Мадрид, чиј состав се проценува на 785 милиони евра

Клубовите од англиската Премиер-лига продолжуваат да заработуваат и да трошат повеќе пари од остатокот на Европа, а актуелниот првак, Манчестер сити, го има најскапиот состав во фудбалската историја, се вели во извештајот на Европската фудбалска унија (УЕФА). Тимот што минатата сезона успеа да освои рекордни 100 поени во Премиер-лигата чини 798,5 милиони евра. Зад Сити е Реал Мадрид, чиј состав чини 788 милиони евра.

Извештајот, 10-ти по ред, за состојбите во европскиот клупски фудбал за финансиското здравје на клубовите во 55-те асоцијации на УЕФА за финансиската 2017 година, покажува дека врвните клубови во Англија заработуваат најмногу и најмногу им плаќаат на фудбалерите.

Во 2017 година, вкупните приходи на премиерлигашките клубови изнесувале 5,3 милијарди евра, што е речиси двојно повеќе од шпанската Ла лига (2,9 милијарди евра) и од германската Бундес-лига (2,8) и значително повеќе од италијанската Серија А (2,2) и од француската Лига 1 (1,6 милијарда евра).

Манчестер јунајтед е на врвот на листата според вкупниот приход, кој изнесува 671,7 милиони евра за 2017 година, повеќе за околу еден милион фунти од Реал Мадрид. Процените се дека клубот од „Олд трафорд“ ќе падне по листата за 2018 година.
Меѓу првите 30 има 13 клуба од Премиер-лигата, во најголема мера благодарение на парите од ТВ-правата, што опфаќа 54 отсто од вкупните приходи на клубовите. Вкупно за плати во Премиер-лигата во 2017 година биле потрошени 2,95 милијарди евра, најмногу во Европа, и покрај падот на вредноста на фунтата во однос на еврото.
Девет од 20-те клуба што се со најголеми плати се од Премиер-лигата. Тоа се Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Челси, Ливерпул, Арсенал, Тотенхем, Кристал палас, Лестер и Саутемптон.

Други клучни наоди во извештајот се дека приходите на врвните клубови се зголемиле за 77 отсто од 2008 до 2017-та, од 11,4 на 20,1 милијарди евра. Четврти пат во последните пет години приходите растеле побрзо отколку платите, 8,9 наспроти 6,7 отсто.

По воведувањето на финансискиот ферплеј во 2011 година, нето-долговите на клубовите продолжиле да се намалуваат, од 65 отсто во 2011-та, на 40 отсто во 2015-та, до 34 отсто во 2017 година. 


Фудбал во Европа гледаат повеќе луѓе од кога било порано

Фудбал во Европа гледаат повеќе луѓе од кога било порано. Над 105 милиони гледачи имало на натпреварите лани, слично како и во сезоната 2011/2012, а дури 15 клуба имале посета од над еден милион гледачи. Паричните награди на УЕФА станаа многу важен извор на приходи, особено во помалку богатите лиги. Приходите на клубовите од УЕФА се зголемиле за 228 отсто во последните десет години, што е многу повеќе во споредба со вкупниот пораст на приходите (77 отсто) и на приходите од ТВ-правата (113 отсто).