Во оваа пригода би се осврнал само на неколку дела од спогодбата со Грција. Спогодбата за името потпишана со Грција по многу елементи и параграфи во неа е многу полоша од Привремената спогодба онаква каква што беше, со сите свои мани и недостатоци. Со Привремената спогодба никогаш не беше прифатена референцата како конечно име, ниту се бараше каква било промена на уставното име или придавките што произлегуваат од него. Во таа спогодба никаде не е спомната клаузулата ерга омнес, клаузула што не ја прифаќаше ниту една македонска владејачка гарнитура. Со оваа спогодба сами се прекрстуваме и прекарот ни станува име и презиме за идентификација.

Во спогодбата не е предвидена никаква излезна стратегија за тоа, што доколку ние го испочитуваме договорот и го смениме името преку промена на Уставот, а Грција одлучи да не го испочитува и да не го ратификува? Како ќе се вратат стариот (сегашен) Устав и сите други работи што во меѓувреме ќе се изменат во Македонија.
Има многу основи за сомневање во реализација на спогодбата и за ветувањата што ни ги даваат НАТО и Унијата. Не постои поголем доказ за ова тврдење од она што се случи на состанокот на Советот на министри на ЕУ одржан на 26.7.2018 година.

И покрај сите силни ветувања дека ако веднаш се потпише и ратификува договорот, на „Северна Македонија“ автоматски ќе ѝ се додели датум за почнување на преговорите за членство во ЕУ. Но, како што видовме, тоа не се случи, пред сѐ поради немањето внатрешен консензус во рамките на самата Унија по ова прашање. Работите не излегоа така како што нѐ убедуваа бугарските политичари, ниту пак се остварија ветувањата на нашите лидери. Македонија не доби датум за прием, но доби ново ветување завиткано во дипломатска обланда дека „се отвора патот за старт на преговори со ЕУ во јуни 2019 година, но само ако се исполни целосно договорот за името, ако се спроведат итните реформски приоритети и се добие нов позитивен извештај од ЕК, како и одлука на советот на ЕУ“. Преведено на народен јазик, здравје боже идната година ова време, ако биде умна, можеби ќе добие датум за почеток на преговорите. Овој рефрен го слушаме веќе 13 години, а најверојатно ќе го слушаме уште најмалку толку!

Има многу нешта да се соопштат што не се поволни за Македонија и за македонскиот народ во спогодбата. Но сметам дека кажаното засега е доволно. Само би додал дека другите членови од спогодбата се однесуваат на интензивирање на сите видови соработка, дипломатските односи и решавањето спорови се општи и козметички и се ставени единствено за уметнички впечаток. Колку да не биде празно и лажно.

Стојан Илиевски, Битола