Најновата малцинска копродукција на „Скопје филм студио“, долгометражниот игран филм „Глас“ во режија на Огњен Свиличиќ, влезе во програмата на еден од најзначајните азиски фестивали, Интернационалниот филмски фестивал во Бусан. Основан e во 1996 година и ги презентира новите трендови од азиската кинематографија, со фокус на новите филмски остварувања и режисери дебитанти, особено од азиските земји, но и од целиот свет. Фестивалот има десетина различни програмски секции, а азискиот филмски маркет, кој се одржува во рамките на фестивалот, е еден од најголемите филмски маркети на источната хемисфера. ИФФБ е единствениот фестивал на територијата на Јужна Кореја, впишан на листата на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуценти. Годинава фестивалот се одржува по 24-ти пат, во периодот од 3 до 12 октомври.

„Глас“ ќе ја доживее својата светска премиера во рамките на програмата „Светско кино“, која е значајна затоа што ги прикажува новите филмски остварувања на режисерите, кои со своите дела помагаат да се разберат последните трендови во светската кинематографија. Програмата им е посветена на нови неазиски наслови на реномирани режисери, како и филмски хитови од штотуку завршените светски фестивали.

„Глас“ е приказна за младо момче што пристигнува во католички интернат, каде што дава отпор на верските практики на училиштето. Сепак, учениците и наставниците го сметаат момчето за доста чудно… Сценариото за филмот го напишаа Огнен Свиличиќ и Маријана Верхоев, директор на фотографија е Маринко Маринкиќ, сценографка е Ивана Шкрабало, костимографијата е на Емилија Ивановска-Атанасовска, снимател на звук е Игор Поповски, а монтажата на Наташа Пантиќ. Продуцент на филмот е Дамир Терешак, а копродуценти се Томи Салковски и Николина Вучетиќ. Улогите ги толкуваат: Франко Јаковчевиќ, Белма Салкуниќ, Игор Ковач, Карла Брбиќ, Барбара Вицковиќ.

Филмот е копродукција помеѓу „Максима филм“ од Хрватска, „Скопје филм студио“ и „Биберче продукција“ од Србија, а проектот беше поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Хрватската радио-телевизија и Филмскиот центар на Србија.