Вуснам често го нарекуваат најголемиот спортист на Велика Британија. Во кариерата, исклучиво аматерска, се занимавал со крикет, голф, сквош, пинг-понг, снукер, тенис, фудбал, освоил злато и сребро на ЛОИ во тенис, победувал на Вимблдон, бил капитен на дејвискуп-селекцијата, на фудбалската репрезентација на Англија, на клубовите Челси и Манчестер сити, но и на разни тимови во голф и во крикет

Успехот е цел на секој спортист, но да се биде успешен на квадрат, победник во два сосема различни спорта во текот на кариерата е нешто што го можат малкумина. Тоа се вистинските спортски универзалци. „Нова Македонија“ во неколку продолженија ви претставува спортисти на кои еден спорт им бил малку. Во овој мини-серијал беа опфатени и освојувачи на олимписки медали, па од таа категорија ви ги претставивме Еди Иган, Јакоб Тулин Тамс, Криста Лудинг-Ротенбургер и Клара Хјуз, но и други универзалци, Лук Алфан, Бјорн Виркола, Јарослав Дробни, Симен Агдштајн и Џеки Стјуарт, опфаќајќи повеќе комбинации на спортови, како бокс и боб, алпско скијање и авторели, скијачки скокови и едрење, брзо лизгање и велосипедизам, скијачки скокови и фудбал, шах и фудбал, гаѓање глинени гулаби и Формула 1. Во ова продолжение за еден не само универзален спортист туку и повеќекратен капитен. Англичанецот Максвел Вуснам (1892-1965) често го нарекуваат најголемиот спортист на Велика Британија.

Во текот на кариерата, исклучиво аматерска (воопшто не го сакал концептот на професионален спорт), се занимавал со крикет, голф, сквош, пинг-понг, снукер, тенис, фудбал. Сепак, спорт број 1 му бил тенисот, во кој, покрај златниот и сребрениот олимписки медал од Игрите во 1920 година и титулите на гранслем-турнирот во Вимблдон, тој бил и капитен на британската репрезентација во Дејвис-купот. Спортовите му се „испреплетувале“, па, така, додека успешно играл фудбал за англиските тимови Коринтиан и Челси, од 1914 до 1919 година (сето тоа прекинато со учеството во Првата светска војна), тој веќе во 1920 година триумфирал во тенис на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Амстердам. Потоа продолжува со тениските успеси, во 1921 година, кога почнува да игра фудбал и за Манчестер сити, и тоа толку успешно за еден аматер, што наскоро станува капитен на професионалниот тим, кој ја освојува вицешампионската титула во 1921 година.

Сепак, останува аматер, одбивајќи да стане професионалец во кој било спорт, а изборот на фудбалските клубови често бил поврзуван со работното место (во хемиската индустрија) и преселбата од град во град. Фудбалските квалитети (играл во одбраната) му донеле повик да игра за репрезентацијата на Англија, и за аматерската и за најсилната селекција, на која ѝ стана и капитен. За ЛОИ 1920 година добива покана да биде капитен и на фудбалската репрезентација и на селекцијата во тенис. „Победува“ првата спортска љубов и тој одбира да ги предводи тенисерите на тие Игри. За Вуснам има малку податоци, главно и поради неговата голема скромност, за што говори и изјавата на авторот на книгата за Вуснам, која ја пренесува Би-би-си: „Тој сметаше дека да се зборува за себе е врв на лошото однесување“. Вкупно, Вуснам, покрај исклучително значајните медали од Олимписките игри, од другите спортисти се издвојува и по тоа што тој бил повеќекратен капитен, и тоа на тениската дејвискуп-репрезентација, потоа на фудбалската селекција на Англија, на клубовите Челси и Манчестер сити, но капитенската лента тој ја носел и во разни тимови или селекции во голф и во крикет. Универзален спортист и капитен. 

„Нова Македонија“ ви претставува спортисти на кои еден спорт им бил малку, па како вистински спортски универзалци биле успешни во два различни спорта