Македонци со „упатство за употреба“

По репортажата на Би-си-си, која некако задоцнето го „откри“ невидливото македонско малцинство во Грција, што всушност беше главна (иако премолчувана) причина за тридеценискиот спор меѓу Македонија и нејзиниот јужен сосед, кој резултира со конечната спогодба во Нивици, се јавија и Бугарите со тврдење дека припадниците на „невидливото малцинство“ во Грција се всушност Бугари

Во процесот на имплементација на спогодбата, и во Македонија, и во Грција, идентитетската дефиниција на Македонците беше расчленета на „составни делови“, од што произлезе дека државјанството и етничката припадност секогаш не се подразбираат и не се совпаѓаат. Дури и ако е афирмиран македонскиот идентитет, очигледно е дека тој треба да се применува со упатство за ограничена географска и историска употреба

Откако ќе се случат работите, се чини дека е помалку важно дали се случиле предвреме, навреме или задоцнето, зашто пост фестум како предизвик остануваат соочувањето и менаџирањето со последиците. Иако Преспанскиот договор, според потписниците, се случил во последен или вистински момент за напредување на Македонија, иако во него се одредени чекорите што треба да ги преземе земјата за негово целосно спроведување во реалниот живот, се наметнува впечатокот дека спогодбата ја најде Владата неподготвена и изненадена, како да се случила предвреме. Па, така, новото име со географска одредница на граничните премени се означува со лепенки на таблите, на кои е напишано историското име на државата, премиерот ги исправа министрите на кои им „се испушта“ Република Македонија, а сите се збунети по упатствата од Владата и на Министерството за надворешни работи за употребата на придавката „македонски“ и враќањето на исчезнатата генитивна падежна форма во македонскиот јазик за означување на институциите – од Северна Македонија… Социјалните мрежи, како некаква најбрза реакција на случувањата во актуелната реалност, таквата општа недоумица за себеименувањето ја коментираат во твитерски манир со констатацијата: „Кога нешто му наметнуваш некому со сила, ствараш голем револт. И немој да мислиш дека ’ќе си легне на брашно’“.

Додека, светот и потписниците на Преспанскиот договор го очекуваат и го поттикнуваат македонското „легнување на брашното“, британскиот национален радиодифузен сервис Би-си-си некако задоцнето го „откри“ невидливото македонско малцинство во Грција, што всушност беше главна (иако премолчувана) причина за тридеценискиот спор меѓу Македонија и нејзиниот јужен сосед, кој резултира со конечната спогодба во Нивици. Приказната на 92-годишниот адвокат Фокас од Грција, кој се претставува како етнички Македонец, но грчки патриот, и кој за Би-би-си ги раскажува премрежињата во неговиот живот токму затоа што бил Македонец, чиј мајчин јазик не е грчки туку „нашински“ (македонски), очекувано ги разбуди старите атавизми во регионот за македонското прашање, иако државата Македонија потпиша договори и спогодби за пријателство со соседите. Освен очекуваните грчки реакции на репортажата на Би-би-си, кои го принудија сервисот дополнително да го „објаснува“ својот документарец дека „грчката влада официјално признава само едно малцинство, муслиманите во Тракија, а словенските Македонци во грчкиот регион Македонија ги смета за лингвистичка, а не за национална група, за „новооткриеното“ малцинство во Грција имаа што да кажат и Бугарите. Имено, европратеникот од Бугарија, Андреј Ковачев, се почувствува повикан да му објасни на извршниот директор на Би-би-си дека претставниците на „невидливото малцинство“ во Грција се всушност Бугари…

И додека соседите се обидуваат да ја преиначат историјата и присвојуваат нешто што не е нивно, Македонија стои настрана и не ни помислува да се вклучи во дебатата за македонското малцинство во Грција. Од друга страна, дури и дома во матичната држава се издаваат упатства каде и како да се употребуваат термините македонски, македонско итн.

Во целата регионална, па делумно и европска дебата околу „егзотичното“ македонско малцинство во Грција, единствено државата што во своето име го содржи зборот Македонија официјално се дистанцира од „невидливите“, придржувајќи се токму до рестриктивните обврски што ги презеде со Преспанскиот договор. Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за грчки медиум, директно прашан неколкупати дали неговата земја, неговата влада се смета обврзана да го штити ова малцинство, повикувајќи се на Преспанскиот договор изјави дека тоа е внатрешно грчко прашање, односно „прашање за грчката домашна политичка дебата, но не е корисно за нас да се инволвираме во таа дебата“.

Од друга страна, во т.н. дебата во македонското општество за придобивките од Преспанскиот договор, пред тој да биде изгласан во Собранието и имплементиран во Уставот, како една од придобивките (покрај „отворањето на вратите“ за НАТО и ЕУ) се наведуваше токму зачувувањето на македонскиот идентитет преку именувањето на државјанството како – македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Но понатаму во процесот на имплементација на спогодбата, и во Македонија, и во Грција, оваа идентитетска дефиниција беше расчленета на „составни делови“, од што произлезе дека државјанството и етничката припадност секогаш не се подразбираат и не се совпаѓаат. Според тоа, како што се наведува во дополнителното објаснување на Би-би-си за невидливото малцинство во Грција, „во Договорот од Преспа се вели дека граѓаните на Северна Македонија се: Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија, и дека не се зборува за постоење на македонско етничко малцинство“.

Оттука, соочувањето на македонските потписници на Преспанскиот договор со реалноста на неговата примена во секојдневното живеење, колку и да е „логична“ и „поддржана од пријателите“, се покажува како рестриктивна и неудобна за „легнување на брашно“. Дури и ако е афирмиран македонскиот идентитет, очигледно дека тој треба да се применува со упатство за ограничена географска и историска употреба.