Македонскиот случај единствен во светот

Весникот „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе го објави политичкиот фељтон, под заеднички наслов „Идентитет, меморија, заборав“, од професорот Илија Ацевски. Во текстовите професорот Ацевски на научен, но и популарен начин ги разгледува идентитетските прашања на Македонците во склопот на договорите за пријателство и соработка со Бугарија и со Грција, се осврнува на историски настани, случувања и личности од македонската историја и нуди мислења од историски и социолошки аспект. Сепак, во центарот на фељтонот е прашањето каква нација се Македонците

 

Идентитет, меморија, заборав (3)

Пишува проф. Илија Ацески

 

Секоја, дури и најмала провокација кога е во прашање идентитетот, без разлика дали станува збор за промена на името на државата, јазикот или колективната меморија/заборавот, предизвикува вознемиреност и тоа е нормално

Историографијата и владејачките елити на соседите сакаат историскиот момент кај Македонците да го истуркаат на периферијата, да биде принуден да ја бара „научната“ вистина на некое друго место и време. Тие не го негираат денес „идентитетот на Македонците“, но го сместуваат во друго време, се обидуваат да го направат дека е „вештачки“, некој некогаш не толку одамна го формирал и тука нема што да се прави, што ја доведува во прашање колективната меморија, без која нема минато, а дали има иднина, се мисли на нацијата, одговорот е недвосмислен. Со тоа се решаваат други прашања, дека тие што останале или по некои околности дошле на нивната територија и денес се асимилирани, претопени, не доживеале чин на историска неправда, едноставно тоа било нормално, не станува збор за тоа. Најдобар начин да се измие совеста на своите претходници на еден „културен начин“. Затоа во Бугарија Крсте Петков Мисирков не е многу омилен, како што не е ни Димитрија Чуповски и многу други кај кои не постоела дилемата што се во идентитетска етничка смисла.

Словени или потомци на Александар?

За средниот век е нормално етничкото да биде до тој степен замаглено и недефинирано, во модерна смисла, што потрагата по негово конкретно препознавање го прави секој обид многу неуспешен и злонамерен. Не знам дали некој сериозен може да објасни што би значело да се слават заедно Илинденското востание или Гоце Делчев да се смета дека се дел од двете истории, поконкретно – колективни мемории, бугарската и македонската? Или некој преродбеник, кој останал запаметен по своите македонистички ставови во деветнаесеттиот век. И дали е тоа работа на историчарите и треба да им се верува во тоа што го докажуваат. А зошто, најпосле, тоа е важно за Бугарите, на пример? Одговорот на тоа прашање можеби ќе нè доведе до вистината што ги измачува бугарските историчари последните стотина години. Дали е навистина Гоце Делчев значаен за Бугарите за да сметаат дека тој им припаѓа ним, а може и на Македонците, на тоа не се противат, но со бугарска свест, а тоа дали се борел за македонските работи и не е толку важно!

Еден подолг период во времето на социјализмот многу малку беше присутен митот за античкото потекло на Македонците; по деведесеттите години, особено последната деценија (2005-2016), со процесот на антиквизацијата, особено видлив во центарот на Скопје, тоа ја доби и својата материјална, споменичка, симболичка препознатливост. Дали е важно од кога потекнуваме и кои се нашите предци? Одговорот на историјата, или научен одговор за тоа нема и дали може и да има, освен ако не бараме генетски материјал, а сè друго да не биде важно, што е повторно неспојливо со модерното разбирање на идентитетот, во кое доминира конструктивистичкото разбирање, каде што средишна точка се културните компоненти. Но она што во најмала мера го вознемирува секој поединец, е да му го одземете или да се обидете да му го оспорите правото да се идентификува.

Кога станува збор за поединецот, не постои таква можност, но кога тоа ќе се подигне на ниво на институции (образование и слично), тоа сигурно дека со текот на времето, за идните генерации, ќе ја помести таа етничка идентитетска одредница/мемориски код, која се движи на релацијата: од каде сме/потекнуваме – кои сме/тоа сме. „Скопје 2014“ не послужи само за разубавување на центарот на градот туку и за да се „направи“ цел еден народ, да се изградат една нација, потомци на антички народ и силна држава, но и дилема во идентификацијата – како Словени или потомци на Античките Македонци. Во реализацијата на проектот некои, како Фрчкоски, ја препознаа намерата да се „обесмисли идентитетот на Македонците како словенски и да се замени со антички“, создавајќи произволен, политички национален мит, кој се смета за подостоинствен, постабилен, погорд, посилен и поотпорен на напади и негирање. Но врагот дојде по своето, тоа што така се правеше пред десетина години сега е време да се брише.

Македонскиот случај

„Македонскиот случај“ некои сметаат дека е единствен во светот, но како што констатиравме неколкупати, сепак, тоа не се однесува на сериозна промена на идентитетот, иако, особено во модерното разбирање на колективната меморија, се добива таков впечаток, и кај дел од Македонците така се доживува, сепак, тоа е на периферијата, затскриено во заднината на случувањата. Но, секоја, дури и најмала провокација кога е во прашање идентитетот, без разлика дали станува збор за промена на името на државата, јазикот или колективната меморија/заборавот, тоа предизвикува вознемиреност и тоа е нормално.

Што е нацијата?

Примерот со идентитетот на македонската нација не би бил доволно разбран без да се допре до значењето на колективната меморија во разбирањето на историските факти. Тоа се однесува и за другите, но за македонскиот идентитет е посебно важно, имајќи ги предвид случувањата последните неколку години со потпишување на договорите со Грција и со Бугарија. Секако дека темата заслужува многу повеќе простор и внимание, но овде е во функција на тоа полесно да го разбереме ставот, кој е вграден во дефиниција на Гуно дека нацијата не е ништо друго туку „уникатна комбинација на историски дадености“. Но бидејќи денес дел од „историските дадености“ одново ги интерпретираме, се поставува прашањето до каде може да се движи таа интерпретација, во смисла на значењето на „историските факти“, кои длабоко се вкорениле во колективната меморија кај Македонците, без разлика дали тие се објективни. Уште поедноставено, до каде може да стигне „проблематизирањето на колективната меморија“ во функција на иднината – се мисли на приклучувањето на Република Македонија кон ЕУ и кон НАТО, како пожелни/крајни дестинации кон кои треба се движи и за што се бара, потребна е согласност од соседите, но и за решавање на децениските спорови. И зошто е важна „колективната меморија“ и во која сфера?
Дали навистина е важно да се верува дека идентитетот се протега и произлегува длабоко од историјата за да не се навлезе во негово декомпонирање, губење што би било штетно за нацијата, ако се има предвид фактот дека навистина притисокот доаѓа однадвор, но согласноста главно е побарана и добиена однатре, од оние на кои се однесува и тие ако не сакаат, не мора да се согласат, а добар дел и не се согласуваат, се мисли и на дел од народот и на дел од политичките субјекти (политичките партии).

(продолжува)