Македонскиот проект „Ослободување на просторот“ во саботата беше официјално претставен пред јавноста на 16-то Биенале на архитектурата во Венеција и предизвика голем интерес кај публиката, како што велат од Музејот на современа уметност, кој е носител на проектот.
Шеснаесеттото Биенале на архитектурата се отвори викендов, а ќе трае до 25 ноември.

Павилјоните на земјите-учеснички, како и секоја година, беа отворени изминативе денови за новинарите и за жирито. Темата на годинашната меѓународна архитектонска смотра е „Слободен простор“, зададена од кураторите архитекти Ивон Фарел и Шели Мекнамара.
Македонскиот проект се состои од четири објекти, кои претрпеа коренити промени со проектот „Скопје 2014“. Комесар на проектот е кустосот-советник во МСУ, Зоран Петровски, а куратори се Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.
Платото на Македонската опера и балет, поранешниот Македонски народен театар, е меѓу објектите на кои е базиран македонскиот проект „Ослободување на просторот“.
Тимот од МСУ најавува дека „Ослободување на просторот“ ќе биде изложен во Скопје на почетокот на 2019 година.