Во недостиг од официјални информации што значат последните изјави и што треба правно да се усогласи, кога сосема јасни се одредбите на меѓународното право, според кое ниту една држава не може да ѝ наложи на друга држава да го промени своето име, домашни експерти и аналитичари го скицираат патот по кој во иднина би требало да се движиме како држава. А тој пат, секако, е наше упорно инсистирање на почитување на одредбите на меѓународното право, Виенската конвенција и правото на самоопределување, одредби што Грција континуирано ги крши

Медиумскиот фокус зa наметнатиот спор од Грција за нашето уставно име деновиве е насочен кон она што стои зад флоскулата „компромис во правна рамка што треба да се доработи“ и која ја најавија преговарачите од двете земји. Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, по разговорите во Брисел соопштија дека е „поставена правна рамка што треба да добие форма на спогодба со меѓународен договор“. Сепак, финалниот збор, сѐ уште на ова ниво, ќе го имаат премиерите на двете земји, кои би ги допрецизирале сите дополнителни елементи и детали.
Во недостиг од официјални информации што всушност значат ваквите изјави и што треба правно да се усогласи (?!), кога сосема јасни се одредбите на меѓународното право, според кое ниту една држава не може да ѝ наложи на друга држава да го промени своето име, домашни експерти и аналитичари го скицираат патот по кој во иднина би требало да се движиме. А тој пат, секако, е почитување на одредбите на меѓународното право, Виенската конвенција и правото на самоопределување. Професорот на Правниот факултет Тони Десковски, застапникот на Македонија пред Судот во Хаг, прецизно го објаснува патот по кој Република Македонија треба да ги продолжи од овој момент, разговорите со Грција.

– Прво, Владата треба јавно да декларира дека името на нашата држава е „Република Македонија“, а не „Македонија“ како што Грција тврди, и дека во преговорите за ова претходно прашање мора да се постигне согласност, пред да се продолжи понатаму. Второ, Владата треба јавно да декларира дека за нас прифатлива цел на компромисот што треба да се постигне во преговорите е: да се направи јасна дистинкција (разликување) меѓу името на нашата држава „Република Македонија“ и географскиот регион „Македонија“, во чиј дел нашата држава е сместена. И, секако, дека се повлекуваме од позицијата изразена од нашите претставници во изминативе неколку месеци дека целта на компромисот е дистинкција (разликување) меѓу името на државата „Македонија“ и географскиот регион „Македонија“ – вели Десковски. Тој истакнува дека нашето постојно име е сложено и е доволно да се разликува од регионот во соседна Грција.

– Трето, Владата треба да ја реафирмира согласноста дадена во 1992 и во 2008 година во меѓународните односи и да го користи името „Република Македонија (Скопје)“ (кое мора да е и преводливо на други јазици). Додавањето на главниот град во заграда би била отстапка, која би ја направиле исклучиво заради задоволување на потребата на посилната страна да го претстави компромисот пред својата јавност (исто како и референцата и Привремената спогодба) – додава Десковски.
Своите аргументи понатаму тој ги темели и на други правни акти.
– Четврто, врз основа на член 7 став 1 од Привремената спогодба од 1995 година, треба да се истакне барање кон Грција веднаш да престане со дејствата на непријателска пропаганда и тоа: 1) да престане со тврдењето дека нашата држава „го заснова своето постоење на вештачкиот и лажен поим на „македонска нација“, кој е граден систематски преку фалсификување на историјата и користење на античка Македонија чисто за остварување политички резултати и 2) да престане со обвинувањето дека Република Македонија „во континуитет, систематски ги прекршува духот и словото на Привремената спогодба од 1995 година, како и обврските, кои за неа произлегуваат од таа спогодба“, затоа што тие „наводни“ прекршувања беа оценети како неосновани од Меѓународниот суд на правдата во пресудата од 5 декември 2011 година – објаснува професорот Десковски.

За крај, професорот по меѓународно право вели дека Владата мора јасно да им истакне на сојузниците дека нивната поддршка за грчкото прекршување на Привремената спогодба од 1995 година, воопшто не го олеснува постигнувањето компромис меѓу двете земји за спорот за името.
– Напротив, ваквата поддршка за Грција го прави постигнувањето компромис невозможно, бидејќи ѝ овозможува на Грција да поставува неприфатливи барања кон нашата земја. Следствено на тоа, нашата влада мора јасно да декларира дека преименувањето во „Северна/Горна/Вардарска/Нова Македонија“ е неприфатливо за нас (и со тоа да се откажеме од таа идеја дури и да е само за меѓународните односи). Со овој чин, сите релевантни политички чинители во земјата сериозно ќе се доближат, со што ќе се овозможи постигнување национален консензус, а што, пак, ќе биде силна порака кон нашите меѓународни партнери за патот по кој треба да се бара компромисот – заклучува Десковски.
Професорката Солза Грчева истакнува дека патот по кој се движи нашиот преговарачки тим длабоко скршнал и оди по истата линија по која официјална Атина би сакала. Професорката подвлекува дека во врска со актуелните случувања, македонската страна прифатила сѐ што побарала грчката страна, што е катастрофално.

– Во секој случај на граѓаните им е јасно дека премногу се шепоти зад сцената за сега најважното и единствено прашање: уцената од Грција и нашата позиција на жртвено јагне. Впрочем оваа влада и не крие, ниту може да скрие, дека на ништо друго и не работи освен преименување на државата. А тоа го прави на скандалозен и неодговорен начин – вели професорката во своја колумна на оваа тема.
Професорката запрашува каде во нашиот устав видоа правна основа за прекрстување на државата.
– Распродажбата следува во јуни и во јули, месеците кога насекаде има распродажба по дуќаните. Според трговската логика, на носителите на „живот“. А најголемата опозиција ќе протестира за погрешните владини политики, за чии „реформи“ и како нивна поддршка, седи во Собранието и заедно ги пишуваат законите. Срамежливо го дадоа во мотото и она за националните интереси. Но, кои се истите тие, не дознавме. Идеја: а да бараат итен прекин на преговорите со уценувач? А да ги поддржат јавно сите граѓански протести против промената на името?! Бидејќи, да откријам една тајна: оваа влада не дојде на власт за реформи и за некаковси живот за кој никој однадвор не дава пет пари, туку да нѐ внесе во НАТО (не во ЕУ) со промена на името. Според тоа, таа нема да падне дека не ни донела плати од 500 евра, туку ќе ја паднат ако не ја исполни дадената беса – завршува Грчева.
Паралелно на бурните реакции на експертите и професорите по меѓународно право околу новонастанатите состојби се огласи и МПЦ, која соопшти дека нема да прифати ново име и дека за неа тоа е неприфатлив пат.
– Името на Македонска православна црква се врзува со нашиот идентитет, а не со мноштвото народи што ги имаме. Црквата треба да стои над политиката и нема да посегне по тој чекор да го промени своето име, затоа што имаме национално име како Македонска православна црква – порача владиката Пимен, во име на МПЦ на свечената литургија во катедралната црква „Света Софија“ по повод одбележувањето 1.000 години од постоењето на охридската архиепископија. По искажаните правни, политички и верски ставови во врска со наметнатиот спор од страна на Грција, сосема е јасно дека некој во преговорите се обидува да прави сметка без крчмарот и спротивно на меѓународното право, што секако не може да помине.


Димитров е за јасна дистинкција

– Треба да има јасна дистинкција дека почеток на преговори не е исто што и пристапувањето во ЕУ. Ова треба да биде признаено. Има два до три изборни циклуси помеѓу двата настани, а пристапувањето е алатка што е тука да ги помогне реформите. Ако го барате истото ниво на демократска зрелост како онаа што се бара за влез во ЕУ тогаш процесот нема смисла. Имаме искуства со земји што почнале преговори, а потоа се најдоа блокирани. Нема автоматизам – порача вчера министерот за надворешни работи Никола Димитров во тесен круг експерти и новинари во Брисел.


Претседателот Иванов бара да биде информиран

До кабинетот на претседателот на Република Македонија нема доставено информација за договорената рамка за можно решение на разликата околу името, ниту информации за последните две средби на министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, одржани во Брисел и во Њујорк. Кабинетот на претседателот на Република Македонија не е информиран ниту за составот, ниту за работата на правните тимови од двете земји во Атина на текстот на билатералниот договор, соопштија вчера од кабинетот на претседателот на Република Македонија. Наедно, во соопштението до јавноста се посочува дека до неговиот кабинет претходно не бил доставен ниту предложениот пакет за името „Република Илинденска Македонија“, иако шефот на државата побарал да добие писмен документ за последниот тек на настаните поврзани со спорот за името.